Војна

Моето мото: развој на цивилизацијата без војни - војните да одат во историјата на човековото постоење

Шокот од Руско-украинската војна е сѐ уште присутен во мене и секој ден си го поставувам истото прашање – колку и во кои сегменти лидерите на светските економски и воени сили затаија. Дали вечниот интерес за богатење е приоритет, над животите на милиони, милиони граѓани ширум Земјината топка. Војната меѓу Русија и Украина веќе влегува во 17 ден и чувствувам дека сѐ помалку има простор за ставање крај на оваа бесмислена војна, бидејќи вокабуларот од двете спротиставени страни и нивните поддржувачи на секоја од нив не дава светло во тунелот дека брзо ќе се седне на маса за конкретни решенија кои ќе доведат до крај на оваа бесмислена војна.

Војните постојат од моментот кога човекот се појавува на Земјината топка како дел од самата природ. Цивилизацијата која со милениуми се гради, доведе до невиден цивилизациски развој што секако ни овозможува организиран начин на живеење со некои по мене привилигиран статус со право на живот на Земјината топка. Зошто велам дека имаме привилигиран статус – непобитен е фактот дека човекот е едно од трите милијарди  битија кои денеска живеат на планетат Земја. Привилигираниот статус за поудобен и посигурен живот на луѓето ни го дадоа токму цивилизациските вредности како на економски така и на политички и на технолошки план.

Цивилизацијата ја толкувам како процес што во завршната фаза треба на виделина да ја донесе хуманоста како најсилен елемент во нашето општествено живеење. Не сакам да бидам Черчил кој вели дека единствено нешто што е вечно е интересот. Јас велам не! Интересот не смее да биде императив во само материјалното, туку би сакал интересот да се продлабочи во духовноста на луѓето во креирање на нивната хуманост како живи човечки битија кои ќе живеат во хармонија.

Историски гледано и генерално историјата ја паметиме најмногу по војните кои се воделе во дамнешни времиња, меѓутоа ја цениме и по оставштините кои цивилизациите ни ги оставиле во наследство. Да не ги заборавиме пирамидите во Египет, Култните светилишта во Бурма, пирамидите во Централна и јужна Америка, Европските прекрасни замоци од средниот век. Тоа е цивилизациско наследство кое ние треба да го негуваме, меѓутоа и да создаваме ново наследство автентично за нашите времиња на кои идните генерации ќе бидат горди.

Минатиот век беше обележан од две разорни светски војни и многу конфликти ширум светот од локален карактер, вклучително и нашиот Балкан, каде што настрадаа милиони невини луѓе. Објективно воените дејствија во минатиот век после Втората светска војна беа локални и можеме да ги евидентираме. За трета светска војна спротивставените страни се плашат да ја отпочнат, бидејќи располагаат со нуклеарно оружје кое може да биде фатално за целата цивилизација во светот.

После паѓањето на Берлинскиот ѕид, распаѓањето на Советскиот Сојуз, распаѓањето на Варшавскиот воен пакт и болното и крваво распаѓање на бившата Југославија, бев убеден дека во Европа повеќе војни нема да има. За жал сведоци сме на војна меѓу Русија и Украина која за Украина е разорувачка. Денес повеќе од 2,5 милиони жители на Украина  ја имаат напуштено својата татковина со тенденција оваа бројка секој ден да се зголемува со нови стотици и стотици илјади бегалци, а претежно тоа се мајки со деца.

Информација што ја сподели Претседателот Пендаровски дека знаел уште на 5-ти ноември 2021 година дека Русија ќе ја нападен Украина, говори за фактот да почнеме да размислуваме дека оваа војна е креирана во некои затворени кругови кои денеска владеат со светот. Логично е да се заклучи ако Претседателот Пендаровски знаел и ја имал оваа информација на 5-ти ноември за можниот напад над Украина од страна на Русија, тогаш доаѓам до заклучок дека сите членки на НАТО, вклучително и Украина и Украинското раководство ја споделувале оваа информација. Зошто не се преземале мерки на дипломатски план? Бидете убедени, постојат илјада алатки за спречување на воен судир и само еден потег на неразумен чин за отпочнување на воени дејствија. Не навлегувам во конфронтацијата на големите светски играчи, меѓутоа заклучувам дека од играњето со војна и од носење одлуки за воени дејствија страдаме ние, обичните граѓани.

Разорени куќи, уништена инфраструктура, недостаток на храна и вода, лекарства, безнадежност на погодените со војна регион се епилогот од овој неразумен чин-војна. Судбините на многу милиони жители во Украина, вклучително и самата Русија се ставени во неизвесност.

Почитувани читатели, многу тешко го доживувам овој судир меѓу Русија и Украина, бидејќи имав можност да го запознаам животот и во Русија и во Украина и нивната вековна поврзаност и пријателство. Во сите војни кои постоеле на овие простори, секогаш меѓу овие два народа постоело единство.

Дали антиципацијата на Черчил за интересот како врвен човеков императив е одговорот на овие трагедии? Сметав дека Черчиловото  време помина и доаѓа времето интересот да биде заменет со хуманост, но веројатно сум згрешил. Утопист не сум, само правам сопствени анализи, само во интерес на градење на посовремено и похумано општество. Војните во човековата историја се најголемото зло за самиот човек. Дали ќе дојде момент ова да го разберат лидерите на големите светски сили кои денеска го диктираат севкупниот светски развој и поредок? Тие се единствените кои треба да го насочат натамошниот развој на цивилизацијата.

Tрифун Костовски

Back to top button
Close