Војна или нова безбедносна структура за Европа, овој пат, не против туку со Русија

Денко Малески

Универзална, вонвременска, е дилемата на политичарот соочен со брутално тешки одлуки кои го засегаат неговиот личен интегритет.

Таква е денешната дилемата на Зеленски, претседателот на Украина и на европските политичари соочени со планот на Трамп. Така, Зеленски може да потпише мировен договор во манир на државник со кој ќе ја спаси својата држава од тотално уништување, ризикувајќи да биде убиен или, продолжувајќи ја војната, да се обиде да спаси глава и да ја уништи сопствената земја. Дилемата на европските политичари, пак, е да го поддржат планот на Трамп и да се соочат со гневот на своите народи и парламенти дека воделе погрешна надворешна политика или да продолжат со воената поддршка испишувајќи со сопствените имиња страмни страници во политичката историја на своите држави. Кризата во Украина е во таа фаза кога политичарите инволвирани во војната размислуваат за сопствените животи ,своите политички кариери и како ќе ги памети историјата. Позицијата на Трамп е поедноставна: „ова е војна на Бајден“, „јас да бев претседател таа никогаш немаше да се случи“ или „ширењето на НАТО во Украина е причината за војната“се дел од неговите изјави.Позицијата наЗеленски, Макрон, Мерц, Стармер или фон дер Лејен е посложена: тие лично или нивните партии се одговорни за одлукуте кои доведоа до војна со Русија.

Минатата недела, Урсула фон дер Лејен шефот на ЕУ и Марк Руте шефот на НАТО направија уште еден обид да го минираат мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп. Руте упорно повторува дека Русија нема право на вето на членството на Украина во НАТО, основната причина за руската воена интервенција. Фон дер Лејен,пак,рече дека не смее да има насилна промена на границите во Европа со територијални концесии кон Русија. Ако на тоа се додаде и отфрлањето на предлогот за разоружување на Украина, тогаш поништени се трите базични барања на Русија кои се на масата од почетокот на кризата.

Но, никакви демократски пароли кои доаѓаат од Европа не можат да ја пореметат асиметријата во моќ на бојното поле во Украина и фактот дека нема враќање назад на, за Украина поволните времиња за склучување мир.„Put up or shut up“ е американски израз за некој кој многу зборува ама малку прави. Зашто, во оваа фаза од конфликтот, не е доволно само да се повикувате на правото и принципите туку, кога толку сакате битка, треба да и се придружите на борбата и да испратите сопствени деца да гинат на украинското боиште. Вистина, Германија има еден помал контингент на Балтикот, а Франција, Британија и Америка имаат свои „оперативци“ на фронтот, но тоа не го надоместува дисбалансот во војници во корист на Русија. Значи, победа е можна само ако Европа испрати свои војници кои ќе се борат рамо до рамо со украинските, спремни да гинат за демократијата во Украина која војната ја уништи и ја преобрази во корумпирана диктатура. Иако, некни, најистакнатиот француски генерал изјави дека Франција треба да се подготвува да жртвува свои деца, европските држави немаат такви војски па затоа во отсуство на алтернатива, европските политичари лажат за состојбите на теренот или држат предавања за демократија и меѓународно право.

Трамп, барем, не држи лекции од демократија кога бара прекин на убивањето во Украина и, со право, се плаши дека директното ангажирање на Америка во украинската војна лесно може да доведе до нуклеарен конфликт со Русија. Меѓутоа, и Макрон, Стармер и Мерц можат да предизвикаат катастрофа. Британска „сторм-шедоу“ ракета неодамна лансирана длабоко во територијата на Укаина е провокација на која Путин може да одговори со иста мерка. За среќа, сите објективни аналитичари сметаат дека токму Путин е „возрасниот во собата“ па се смета на неговата трпеливост и возджаност. Но, шокот од некаков „орешник“ кој завшува во населено место во Британија може да ги замолкне барабаните на војната. А, сепак, на европејците не им доаѓа умот. И како што Зеленски не ја завршува војната од страв дека демобилизираните војски ќе се свртат кон Киев во потрага по виновникот за убиствата на стотици илјади млади луѓе на фронтот и деструкција на државата, европските политичари се плашат нивните парламенти и гласачите да се свртат против нив.

Не можам да замислам Зеленски да стави потопис под барањата на Русија, особено во делот во кој се откажува од 20% од територијата на земјата, и не можам да ги замислам Макрон, Стармер, Мерц и фон дер Лејен како бараат од пратениците да гласаат „за“ратификација на новите граници на Русија со освоените украински територии. Притоа, прашање е дали Путин ќе се задоволи со признавање само на „дефакто“ ситуацијата на терен, нешто што е неспорно. Имено, бидејќи Путин инсистира на затворање на војната со дефинитивен мировен план, се ми се чини дека ќе бара „дејуре“ признавање, што налага процедура која минува низ парламентите. Оттаму заклучокот дека нема да има мировен договор, дека војната ќе потрае уште некое време, дека финалното решение ќе биде на бојното поле, дека, потоа,ќе имаме замрзнат конфликт наредните децении, а односите помеѓу Русија и Европа ќе бидат отровни. Тоа е едното сценарио, она кое турка кон конфликт. Второто, пак, е сценариото на соработка. Новите гарнитури европски политичари кои ќе дојдат на власт на наредните избори да се обидат да изградат нова европска безбедносна структура, овој пат не против туку заедно со Русија.

 

 

 

Back to top button
Close