Војна на Блискиот исток: Што остана од Хамас по 7 октомври?
По израелската офанзива во Газа, военото раководство на Хамас е речиси целосно уништено, и не е јасно колку борци сè уште има групата. Сепак, милитантната организација и понатаму е способна да изведува герилски напади.
Две години откако Израел ја започна својата воена кампања против милитантната група Хамас со седиште во Газа, набљудувачите велат дека Хамас е ослабен, но не и уништен. Тоа, и покрај огромната надмоќ на израелската војска во огнена моќ и оружје, како и инсистирањето на израелските лидери на „целосна победа“.
„Хамас претрпе многу воени порази, но сè уште има способност да се реорганизира и да ја задржи командата и контролата“, вели Марина Мајрон, истражувачка на Одделот за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон за ДВ.
Пред почетокот на актуелниот бран на борби на палестинската територија, по нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година во Израел, се проценуваше дека милитантната група има меѓу 25.000 и 30.000 борци. Во изминатите две години, различни израелски безбедносни извори тврдат дека убиле меѓу 17.000 и 23.000 од нив.
Израелската војска не нуди цврсти докази за бројот на убиени борци на Хамас, а многу набљудувачи сугерираат дека бројката може да биде значително помала.
Година по почетокот на конфликтот, „подетални извештаи на ИДФ (Израелските одбранбени сили) за убиени милитанти, со конкретни податоци за временски рамки, локации и операции, опфаќаат околу 8.500 жртви“, објави американскиот монитор за конфликти Податоци за локации и настани поврзани со вооружени конфликти (Armed Conflict Location and Event Data- ACLED) во октомври 2024. „Оваа бројка вклучува и милитанти од други вооружени групи и можеби други неборбени членови на Хамас.“
Класифицирана израелска база на податоци, цитирана од британски и израелски медиуми, го потврдува тоа. Таа покажува дека до мај 2025 година, само 8.900 именувани борци од Хамас или неговиот сојузник Исламски џихад биле мртви или „веројатно мртви“.
Тоа значи дека над 80% од повеќе од 66.000 убиени луѓе во Газа се цивили, заклучуваат публикациите.
Илјадници нови регрути
ACLED сугерира дека Хамас можеби регрутирал нови борци во изминатите две години. На почетокот на оваа година, американски разузнавачки службеници изјавија за новинската агенција Ројтерс дека веруваат оти Хамас можеби регрутирал меѓу 10.000 и 15.000 нови борци.
„Постојат индикации, вклучително и на социјалните мрежи, дека сè поголем број млади Палестинци без претходна обука се приклучуваат на Бригадите Касам (военото крило на Хамас) и изведуваат герилски акции“, напиша Лејла Серат, истражувачка во Арапскиот центар за истражување и политички студии во Париз, во списанието Форин Аферс (Foreign Affairs) во август.
Набљудувачите велат дека и двете страни имаат интерес да ја преувеличат силата на милитантната група. За Хамас, тоа е начин да покаже моќ за време на преговорите за прекин на огнот. За Израел, претставувањето на Хамас како сериозен противник може да биде „изговор за уништување на енклавата и протерување на нејзините жители“, изјави аналитичарот Мохамед ал-Астал од јужна Газа за Њујорк Тајмс минатиот месец.
Иако бројот на борци на Хамас е предмет на дебата, едно е јасно: Израел го ликвидирашел поголемиот дел одвисокото раководство на групата, со само еден командант кој остана од воениот совет пред 7 октомври.
Герилски тактики
Во изминатите две години, Хамас ја промени својата тактика. Се однесува повеќе како децентрализирана група и сè повеќе се потпира на герилска војна, напади и заседи со експлозиви, според ACLED, наместо директни судири со израелски војници.
Бројот на ракетни напади преку границата од страна на Хамас значително се намали. Според израелски официјални лица, поголемиот дел од арсеналот на групата, особено потешкото оружје како ракетите, е уништен.
Но, Хамас сепак успеа да испрати две ракети во септември 2025 година и да организира посложени напади врз израелски војници. Тоа вклучува напад во август 2025 година во Кан Јунис, каде борците користеле тешко оружје и се обиделе да киднапираат израелски војници.
Во области кои израелската армија ги прогласила за „исчистени“, набљудувачите велат дека често повторно се појавуваат мали групи на Хамас. Веројатно е дека дел од тунелската мрежа на групата, која овозможува изненадни напади и криење на израелски заложници, сè уште постои.
Надвор од Газа има показатели дека Хамас ги зголемува своите активности на окупираниот Западен Брег, по речиси 15 години релативна тишина таму, иако други палестински милитантни групи сè уште се на првата линија на насилството.
Што со цивилното управување во Газа?
Прашање кое се дискутира е колку контрола Хамас сè уште има врз Газа.
Хамас има воено крило кое се бори против израелската армија. Но групата, која управува со крајбрежната енклава од 2007 година, претходно беше одговорна и за цивилната власт во Газа: од болници и полиција до собирање отпад.
Некои набљудувачи велат дека цивилниот сектор на групата се адаптирал. Тоа вклучува нова полиција во цивилна облека и неофицијален систем на исплата во готово за државните службеници.
Но и тоа можеби се менува. Се чини дека службениците биле плаќани со готовина која Хамас ја складирал за итни случаи, но тие средства можеби се при крај. Израелската војска сè повеќе таргетира „лица и објекти поврзани со управувањето на Хамас, општините и полициските сили“ за да ја ослаби цивилната контрола на групата врз Газа, според ACLED.
„Палестинците известуваат дека откако повторно започна војната, функционерите на Хамас сè поретко се појавуваат во јавноста, вклучително и во полициските активности, делумно поради хаосот и постојаните напади, но и поради страв од целното таргетирање од страна на Израел врз структури на управување“, велат аналитичарите од тинк-тенкот Меѓународна кризна група (International Crisis Group).
Хамас „го приоритизира опстанокот“
Поранешен офицер од внатрешната безбедност на Газа неодамна изјави за БиБиСи (BBC) дека Хамас ја изгубил контролата врз речиси целата Газа. Криминални банди и кланови го пополнуваат безбедносниот вакуум, изјави тој за британскиот јавен сервис, додавајќи дека општеството во Газа е целосно распаднато.
Хамас се соочува и со зголемена внатрешна конкуренција, со неодамнешни извештаи кои сугерираат дека Израел намерно ја зголемил поддршката за анти-Хамас групи во Газа. Една истакната организација се нарекува „Популарни сили“, чии членови се поврзуваат со шверц на дрога и ограбување на хуманитарна помош. Нејзиниот лидер наводно се обидува да координира други вооружени групи против Хамас.
Многу набљудувачи се согласуваат дека целосно уништување на Хамас не е возможно и дека ослабувањето на групата можеби е најблиску до „целосна победа“ што Израел може да ја постигне.
„Хамас го приоритизира опстанокот над директната конфронтација“, објави ACLED во септември. „Ова е во согласност со ставот на групата дека самиот опстанок е форма на победа.“
„Хамас е идеологија“, изјави Ханс-Јакоб Шиндлер, експерт од Меѓународниот центар за борба против тероризмот, неодамна за ДВ. „Не можете да уништите идеологија. Можете (само) да ги деградирате нејзините воени и терористички капацитети.“(dw)