Војна во Косово: Ќе се разјасни ли судбината на исчезнатите?

Околу 1.600 лица се водат како исчезнати во војната во Косово. Србија досега ги блокираше напорите за разјаснување на нивната судбина. Сега се состанаа комисиите за исчезнати лица на двете земји. Што донесе средбата?

Во селото Терње во јужно Косово, Беким Гаши живее со празнина што би сакал да ја пополни. Тој нема гробови на кои би можел да тагува. Има само слики од неговата мајка Хира и неговите четири сестри, кои исчезнале по масакрот во неговото село од страна на српската армија на 25 март 1999 година. „Мајка ми и моите сестри беа убиени дента. 26 години не знаев каде се закопани нивните тела. Секој пат кога ќе видам гроб, мислам дека би можеле да лежат таму“, вели Беким Гаши. Чувството дека вистината може да е веднаш под неговите стапала, а сепак останува недостижна, го прогонува повеќе од две децении.

Војната во Косово официјално заврши во јуни 1999 година. Во тоа време на територијата на Косово за исчезнати се сметаа околу 4.600 лица. Голем број од овие случаи беа разрешени. Но, за семејствата на околу 1.600 лица, војната продолжува до денес. Во нивните умови, војната продолжува секој ден. Во чекањето, во тишината, во избледените фотографии и во гробови што не постојат. Повеќето исчезнати лица се косовски Албанци, околу 1.100; останатите 500 се Срби, Роми или членови на други малцинства.

Комбинација од четири фотографии на кои можат да се видат една постара жена, две повозрасни девојки и две девојчиња
Исчезнати членови на семејството на Беким ГашиФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Прашањето за исчезнатите останува една од најдлабоките отворени поствоени рани – човечка, политичка и морална трагедија што ниту еден договор не успеа да ја излечи. Семејството Гаши првично имало 22 исчезнати роднини. Судбината на 14 до денес е неразјаснета. Беким Гаши и други членови на семејството учествувале во ексхумации и со години воделе правни постапки во Белград – без опипливи резултати. „Отидовме во Белград со надеж дека ќе добиеме некои информации. Процесот траеше шест години. На крајот, немаше резултат“, вели тој.

Средба во Скадар

За семејството и за сите роднини на исчезнатите сега има нова надеж. Во среда (4 февруари 2026 година), во градот Скадар на северот на Албанија за првпат се сретнаа претставниците на српската и косовската државна комисија за исчезнати лица за да разговараат за конкретни чекори за разјаснување на судбината на исчезнатите. Непосредно пред тоа, на 22 јануари, во Брисел беше постигнат принципиелен договор за формирање трилатерална комисија со претставници од Косово, Србија и ЕУ.

Голем црно-бел плакат на скалила во зграда посветен на споменот на исчезнатите лица во војната во Косово
Спомен-плакат за исчезнатите лица на фотографија направена во август 2023 година во ПриштинаФотографија: Bekim Shehu/DW

Средбата во Скадар се одржа речиси три години по косовско-српската принципиелна декларација за прашањето на исчезнатите лица. На почетокот на мај 2023 година, косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ изјавија дека двете држави ќе работат заедно на разјаснувањето на судбината на исчезнатите. Тоа беше договор постигнат во рамки на дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија со посредништво на ЕУ.

Добра атмосфера

Претставници на Комисијата за исчезнати лица на косовската влада, предводена од Андин Хоти и Куштрим Гара, и српската владина Комисија за исчезнати лица предводена од Вељко Одаловиќ, учествуваа на состанокот во Скадар. Косовската невладина организација „Гласот на родителите“, која помага во потрагата по исчезнати лица и ги поддржува нивните семејства, беше претставувана на средбата од Џиле Хазири. Таа за ДВ вели дека состанокот се одржал во добра атмосфера и „без никакви негативни зборови“. Хазири нагласува дека најголемата пречка за истрагата од секогаш била српската страна.

Србија постојано одолговлекувала состаноци и процеси. Овој пат двете страни барем се разделиле во добри односи. „Има потврда дека работата ќе се интензивира уште во март годинава и дека ќе се одржи уште еден состанок“, вели Хазири. Најважно според неа е што по три години конечно се одржа заеднички состанок. „Денес имам повеќе надеж од било кога претходно“, вели таа и додава дека „сите се согласија оти прашањето за исчезнатите лица мора да се реши еднаш засекогаш“.

Покрај надеж има и скепса

Клисман Кадиу, советник на вице-премиерот на Косово, состанокот го коментира малку повоздржано. „Од усвојувањето на декларацијата за исчезнати лица во мај 2023 година, напредокот е минимален, главно поради континуираното одбивање на Србија сза уштинска соработка“, вели тој за ДВ. Кадиу смета дека не може да се постигне решение без политичка волја. „Најголемите дефиците се недостигот на политичка подготвеност, транспарентност и одбивање да се отворат државните архиви“, вели Кадиу. „Овие одложувања неоправдано го продолжуваат страдањето на погодените семејства“.

Човек во црн џемпер седи на софа
Беким Гаши во дневната соба на неговиот стан во косовскиот главен град ПриштинаФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Надежта на Беким Гаши сега е измешана со скепса. За него, вистината може да се бара само на една адреса: Србија. „Србија ги однесе лешовите. Србија знае каде се. Ние не бараме чуда. Само ги сакаме посмртните останки и едно место на кое ќе може да положиме цвеќе“, вели Гаши. За време на судската постапка во Србија, на која присуствувал и тој самиот, постојано се споменувала 549-та бригада на поранешната Југословенска народна армија, која водела дневни и месечни оперативни извештаи. „Доколку досиејата на оваа бригада се отворат, во нив стои сѐ“, вели Беким Гаши. „Во Косово нема такви информации“, посочува тој. Тој го критикува недостигот на институционална поддршка и интерните кавги во организациите што ги претставуваат семејствата на исчезнатите од Косово. „Не се чувствуваме добро застапени. На дел од состаноците нѐ канат, но и тоа ретко. Не сме дел од процесите на носење одлуки“, вели тој и повторува дека „сè што сакаме е само едно место на кое ќе може да одиме да се потсетиме и да положиме цвеќе“.

Вјоса Ќеркини 

Back to top button
Close