Војната се врати дома
Бандата која започна четири војни во деведесеттите години, која хараше низ соседството, изврши безброј воени злосторства, уништи сè што допре, направи милиони луѓе несреќни и на тоа изгради кариера – сега би сакала нешто слично да покрене на домашен терен.
Бандата која започна четири војни во деведесеттите години, која хараше низ соседството, изврши безброј воени злосторства, уништи сè што допре, направи милиони луѓе несреќни и на тоа изгради кариера – сега би сакала нешто слично да покрене на домашен терен. Бидејќи повеќе не можат да ја извезуваат војната надвор од границите на Србија, радикалите од сите бои би сакале малку да го сотрат сопствениот народ, сите останати веќе ги уништија, а и моментално им се вон дофат.
Пишува: Томислав Марковиќ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги симна ракавиците и се врати на изворниот радикализам. Масовното незадоволство на граѓаните не стивнува од ноември минатата година, дури ни мрзливите летни месеци не го намалија сеопштиот гнев против криминалниот напредњачки режим, рејтингот на Српската напредна странка опаѓа, создадена е атмосфера која јасно му порачува на Вучиќ дека е бивши. Што и да презеде против бунтовните студенти и граѓани, не само што не вроди со плод, туку дополнително го засили сеопштииот отпор. Едноставно, на Вучиќ и на напредњачките разбојници им истече рокот на траење, предолго ги трпевме, дојде време да се симнат од политичката сцена и да завршат таму каде што им е местото – во ќелии, на долгодишни робии.
Не се двоумеа Вучиќ и неговите напредни скакулци да користат насилство ни порано, но последниве денови радикално ја зголемија дозата на насилство, обидувајќи се да предизвикаат граѓански судири, а можеби и војна. Таквиот развој на настаните е сосема логичен – радикалите не знаат за никакви други методи на политичко дејствување освен насилство, силеџиството е нивната суштина уште од нивното настанување на почетокот на деведесеттите години од минатиот век.
Фалангата наВучиќ
Сликите од бруталното, оголено насилство ги преплавија медиумите и социјалните мрежи. Напредњачките фаланги шетаат низ Србија и напаѓаат демонстранти – во Бачки Петровац, Бачка Паланка, Врбас, Нови Сад, Белград… Маскирани, набилдани, истетовирани момци, најчесто со покриени лица, вооружени со ножеви, железни шипки, дрвени палки со заострен метален врв, камења, пиротехнички средства, замрзнати шишиња вода и смрзнати јајца, како и разни други тапи предмети за кршење глави – се подредуваат таму каде што ќе им нареди газдата и целат кон мирните демонстранти.
Фалангата на Вучиќ се собира во просториите на СНС, па оттаму испукува опасна пиротехника врз колоните на побунетите граѓани. Се подредуваат и на улица, стратешки распоредени во близина на протестите, па оттаму ги напаѓаат граѓаните – меѓу кои има многу жени и малолетни деца – со шок-бомби, шишиња, камења, француски клучеви и разни метални предмети. Ги бркаат демонстрантите по улиците и ги претепуваат.
Насилничките фаланги напаѓале луѓе кои организирале изложба за протестите во Бачки Петровац. Неколку стотици напредњачки насилници ги бојадисувале фасадите на зградите во Нови Сад со српското трибојно знаме и ги тепале станарите што се побуниле против нагрдувањето на нивните станбени згради. Во Врбас ги гаѓаа демонстрантите со однапред подготвени проектили, претежно замрзнати шишиња и слично, кои претходно ги подготвиле и чувале во ладилник паркиран во близина на партиските простории. Во Нови Сад повеќепати ги гаѓале демонстрантите со забранети пиротехнички средства. И така редум.
Напредњачките СА трупи
Личната војска на Вучиќ, составена од таканаречени „лојалисти“, всушност е талогот на српското општество, башибозук кој со децении се собира околу Српската радикална партија. Таквите во деведесеттите стануваа доброволци во паравоени формации и одеа во Хрватска и Босна да колат и да пљачкаат, а денес физички го напаѓаат сопствениот народ. Сè уште не почнале да користат снајпери, како нивните претходници, но еден извади пиштол и испука пред партиските простории во Нови Сад.
Вучиќевите хулигански фаланги се составени од криминалци од секаков вид – нарко-дилери, насилници, убијци кои ја отслужиле казната, лихвари, таканаречени навивачи, силеџии, сомнителни типови кои нашле засолниште во владејачката партија, значи – во своето природно опкружување. На социјалните мрежи граѓаните препознаа многумина од нив, најчесто се работи за луѓе од подземјето и криминалното милје. Покрај нив, некаде се присутни и партиски функционери, што на прв поглед изгледа бизарно, но всушност е логично. Напредњачките кадри по своја вокација се силеџии, шљам, а на функциите во јавната управа и на партиските позиции се најдоа токму поради тие свои социопатски особини.
Вучиќ направи својата верзија на СА-трупите, Штурмабтајлунг, јуришните дивизии. Како што изворните СА-фаланги по улиците на германските градови ги тепаа противниците на нацистите, а понекогаш и ги убиваа, така денешните наследници на Штурмабтајлунг по улиците на српските градови бркаат и тепаат противници на напредњаците. Како што би се рекло – Вучиќ се врати на фабричките радикалски подесувања и ги следи примерите од својата злосторничка младост. Никогаш не треба да се заборави дека тој беше висок функционер на злосторничката Српска радикална партија, Шешељев аѓутант, дека ги обиколуваше српските позиции за време на опсадата на Сараево, дека се закануваше дека ќе убие сто муслимани за еден Србин, дека учествуваше во прогонството и иселувањето на Хрватите од Србија, како и во присвојувањето на нивниот имот.
Полицијата како послуга на криминалците
Додека напредњачките јуришни дивизии дивеат и ги повредуваат побунетите граѓани, полицијата и жандармеријата сето тоа мирно го набљудува. Не само што не преземаат ништо за да ги заштитат нападнатите од криминалците, туку и самите трпат насилство од напредњачката паравојска. Во Врбас можевме да видиме бизарни сцени – Вучиќевите јуришници ги гаѓаат полицајците и жандармите со разни проектили, а овие мирно ги поднесуваат ударите, иако се во целосна опрема за растерување демонстрации, иако се должни да се одбранат и себеси и другите.
Полицијата, всушност, тесно соработува со партиската паравојска, ги штити, а кога овие ќе се соберат во просториите на партијата – жандармите го опколуваат тој простор за да спречат демонстрантите да се приближат. Додека фалангистите ги тепаат граѓаните, полицијата се прави луда, а потоа ги апси оние што биле нападнати и претепани, додека насилниците ги остава на мир, не им паѓа на памет да ги гонат силеџиите. Вучиќевиот Штурмабтајлунг е над законот, помоќен од полицијата, партиските криминалци се под специјална заштита на таканаречените сили на редот. Всушност, во Србија полиција повеќе и не постои – тоа е некаква униформирана, вооружена група која не ги штити законите, редот, поредокот, животите и имотот на граѓаните, туку исклучиво функционира како партиска полиција, бранејќи ја разбојничката дружина што ја узурпирала власта и државата.
Ова е толку бизарно што бара објаснување како за предучилишна возраст. Во секоја заедница има социопатски поединци, потенцијални убијци, крадци и разбојници. Затоа заедницата се организира, собира пари и ангажира една група луѓе да ги штити сите останати од таквите манијаци. Таа група се вика – полиција. Меѓутоа, во Србија таа група, која граѓаните ја плаќаат, воопшто не ги штити граѓаните, не си ја врши својата работа, туку работи за криминалците, при тоа мнозинството полицајци го прават тоа бесплатно. Ете, до таму сме стигнале по два века обиди да се создаде држава. Па, можеби државата сепак не е за секого.
Децении зло
Бандата која започна четири војни во деведесеттите години, која хараше низ соседството, изврши безброј воени злосторства, уништи сè до што допре, направи милиони луѓе несреќни и на тоа си изгради кариера – сега би сакала нешто слично да покрене на домашен терен. Бидејќи повеќе не можат да ја извезуваат војната надвор од границите на Србија, радикалите од сите бои би сакале малку да го сотрат и сопствениот народ, сите останати веќе ги уништија, а и моментално им се вон дофат. Јавноста делува малку изненадена, што исто така е бизарно. Воените поттикнувачи и воените злосторници го форсираат започнувањето на граѓанска војна, па тоа е логично – самата реченица го кажува тоа, нема место за изненадување.
Сиот ужас што овие денови ја мори Србија е последица на несовладана минатост, лаги, зло, лажење на самите себеси, неспособност да се соочиме со сопствените злосторства, да излеземе од зачадениот круг на зло во кој западнавме по Осмата седница. Речиси четири децении одгледуваме и негуваме воени злосторници, профитери, поттикнувачи на војни, се гушиме во националистичка лудост и му дозволуваме на најлошиот гној и криминалци да ни јаваат на грбот.
Веќе децении мнозинството на населението гласа за различни радикали, напредњаци, народњаци и други деривати на нечовечка, крволочна идеологија. Таа разбојничка банда, која со децении ги окупира сите српски институции, ни го уби премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кој се обиде нешто да смени, и не врати во темниот мрак по краткиот период на надеж. Таканаречените демократски сили ја релативизираа минатоста, одбиваа соочување со злосторствата, кохабитираа, правеа декларации за помирување со социјалистите и нè правеа сите нас будали.
Последици од заборавените гревови
На воените профитери никогаш не им беше одземен украдениот имот, политичките злосторници не беа лустрирани, законот за лустрација никогаш не беше применет, а СПС и СРС не беа забранети, благодарение на Коштунца, човекот кој го одржа континуитетот со времето и режимот на Милошевиќ. Сето ова се само последици од тие далечни, за мнозинството заборавени гревови.
Огромното мнозинство се прави лудо, негира геноцид во Сребреница, никогаш не чуло дека Сараево било под опсада, немаат поим дека половина од косовските Албанци биле протерани од Косово, не знаат за ладилниците, немаат врска со масовните гробници, не им е грижа за концентрационите логори, изгорените села, урнатите градови, за години масовно убивање и уништување на нашите први соседи.
И сега сето тоа – туркање на злото под тепих, пактите со злосторници, толерирање на најлошиот полусвет – дојде за наплата. Сега крвта тече по српските, а не повеќе по хрватските, босанските и косовските градови. Војната се враќа дома. Ја враќаат истите тие злосторници, бидејќи останаа неказнети, бидејќи за своите злосторства беа наградени од ова распаднато општество.
Извор: tacno.net
Превод: Лени Фрчкоска