Во недела, изборот ќе биде рационален

Како и на претходните неколку изборни соочувања, и на овие локални избори излегуваме со прилично јасна слика за тоа кој за што се залага, со сите вообичаени претерувања или дефицити во понудите карактеристични за локален натпревар меѓу опонентите во изборната трка. Големите партиски „падрони“ од главните три-четири политички формации во државава својски се потрудија на своите локални кандидати да им го обезбедат националниот политички наратив, во сите тековни конфронтирачки детали и за актуелната и за стратегиската „висока политика“ во Македонија.

Последен од лидерите кои тоа го направија беше Али Ахмети со својот предизборен говор некни во Чаир кој се потруди и на своите гласачи и на целата македонска јавност ефикасно да ѝ стави до знаење дека „зелената агенда“ на ДУИ е само изборниот костум – два-три броја поголем – облечен за потребите на целиот изборен театар, но дека вистинската агенда на ДУИ и понатаму си е суштински преокупирана со националистичките преокупации на интегративците кои светот сѐ уште го гледаат претежно низ симболизмот на етничките идентитети, по можност низ пополнување на државни функции што би биле резултат на политички преговори со своите коалициони партнери. Со ВМРО-ДПМНЕ и Груевски десетина години успешно ја развија својата политичка и бизнис елита, со СДСМ националистичката приказна лефтерно ја надградија уште некој степен погоре, користејќи ја девизата „едно општество за сите… кадри на ДУИ“.

А, вреди да потсетиме дека во сите објективни, но и партиски „монтирани“ истражувања на јавните мислења што се објавија и пред овие избори, темите кои се главна преокупација на граѓанството се сосема „поместени“ кон корпусот на социјалниот и економскиот живот на населението, со сѐ поизразена свест за факторите што влијаат врз нивното секојдневие (заштитата на природната околина, корупцијата, животниот стандард и сл.).

Тоа, сепак, не значи дека граѓаните не се подготвени за оценување на изборната локална понуда и на едно поапстрактно ниво: едно е „квантитативната“ проценка за тоа што конкретно (не) е сработено, а друго е „квалитативниот“ став на секој од гласачите за насоката во која се движат работите, во што влегува и историјата и перспективата на покрупните општествени процеси. Затоа партиските лидери трошат толку време на мешање „баби“ (фалејќи ја понудата на нивните конкретни локални кандидати) и „жаби“ (фалејќи ја својата „генерална“ политика, со жестоки критики за политичките противници).

Изборниот резултат и на овие локални избори ќе биде „идеалната средина“ во која се наоѓаат токму овие конкретни и апстрактни проценки на гласачите. Пресудни во тоа ќе бидат не гласовите на „тврдите“ партиски членства по општините и вообичаената партиска „клиентела“, чиј квантитет, со релативна точност, може и сега да се предвиди; туку големиот број на оние гласачи кои размислуваат „квалитативно“, без партиската обврска за кого да го дадат својот глас.

Тој изборно решавачки број повторно се сведува на пар стотици илјади гласачи кои, по правило, би требало да имаат порационален, отколку поемотивен пристап при своето гласање. И тоа кај голем број од нив ќе биде повеќе избор за кого да НЕ гласаат, отколку за кого да гласаат. Ако, воопшто, решат да излезат на гласање – што е предизборниот мобилизациски трик на секоја изборна кампања.

Колумната на Сашо Орданоси во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close