Во одредени затвори нема телефон само оној што не сака да има – вели Пандов

Во одреден број затвори при проверки нема да најдеме ниту еден или само еден до два телефони. Но, точно е дека во одредени затвори нема телефон само оноj што не сака да има. Сето тоа е доказ дека во затворите со години имало системска корупција. Сепак, не може една институција да ја уништи таа корупција. Ова денеска го рече в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со системската корупција во затворите во државата по 16. Меѓународна конференција што традиционално се одржува во Македонија, во организација на Факултетот за безбедност.

В.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов / Фото: Принтскрин
Откако е на чело на установата со која раковoди, вели дека имал повеќе средби со обвинители и судии и дека е точно оти таму постои корупција, но додаде и дека од нив огромен процент си ја сакаат работата и не сакаат државата да е на ова ниво со корупција.

„Она што го видов оваа година во затворите, можам да кажам дека таму буквално имало системска корупција. Овие година дена имав можност да се сретнам со голем број обвинители и на судии и точно е дека таму постои корупција. Но, таму има и огромен процент на оние што си ја сакаат работата и не сакаат да сме на ова ниво со корупција. Не може една институција да ја уништи системската корупција“,рече тој.

Според него, таа година во голема мера е намалена и во следните години, како што рече, државата на ова поле ќе напредува.

„Дали е уништена – не, но верувам, дека од година во година, во оние скалила што нè мерат, земјата само ќе напредува“,кажа Пандов.

Посочи и дека во одреден број затвори, во борбата што е најочигледна, особено во делот колку мобилни телефони има меѓу затворениците, резултатите се поразителни.

„Јас од позиција в.д. директор на Управата можам да правам контроли, но борбата против корупцијата во самите затвори е на директорите на затворите и на затворската управа. Можам да посочам одреден број затвори каде при претрес нема да најдеме ниту еден или еден до два телефони. А точно е дека во одредени затвори нема телефон само оној што не сака да има. Минатата година имаше 40 кривични пријави против вработени во затворскиот систем“,
вели директорот на Управата.

Во април годинава Пандов соопшти дека во одредени затвори над 50 отсто од затворските полицајци се корумпирани.

Во февруари годинава тој рече дека при претрес на ќелиите во притворскиот дел во затворот „Скопје“, се пронајдени седумдесет телефони, додека, пак, во претрес во струмичкиот затвор се пронајдени три мобилни телефони.

Back to top button
Close