Во Oхрид промовирана првата книга од едицијата „За македонистиката отворено”

Во рамките на одбележувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, денеска, напладне, во Охрид, беше промовирана првата книга од едицијата: „За македонистиката отворено“, од авторите Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист, и на проф. д-р Димитар Пандев, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје и истакнат македонски лингвист, славист, македонист и писател.

Во име на здавачот – Општина Охрид, пред бројните присутни говореше професор Митре Вељаноски, додека со поширок прилог кон делото, се поизнесе промоторот, доц. д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

-Авторите разговараат за почетоците на словенската писменост; за првиот обид за кодификација на македонскиот јазик од страна на Крсте Петков Мисирков; за родоначалничката улога за македонската и за словенската литература, воопшто, на Свети Климент Охридски, користејќи го како повод јубилејот – 1100 години од упокојувањето на епископот велички; за „конечната“ кодификација, на која ѝ претходи официјализацијата како службен јазик на македонскиот, од 1944-1945 година; за Конески, најмаркантната македонистичка фигура на XX век, човек – епоха, како што имплицираше Старделов; за македонскиот јазик денес, 75 години по првиот Правопис, спроти новите закони што ја регулираат стандарднојазичната материја, како и наспроти најновите напади од бугарска страна на македонскиот јазик, потенцираше Карапејовски.

Делото содржи 21 радио-разговор, претходно емитувани во редовните програми: „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје, во период од 19 ноември 2016 година до 14 февруари 2022 година во авторскиот проект „Quo vadis”.

Опфатени се разговори за Крсте Мисирков и неговата книга „За македонцките работи“, за свети Климет Охридски, за Блаже Конески, за Григор Прличев, за „Бели мугри“ на Кочо Рацин, за големите македонистички јубилеи, за најновото издание на Правописот на македонскиот јазик, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања која го негира постоењето на македонскиот јазик, како и за предизвиците пред кои се иправени нашиот македонски јазик и македонистиката воопшто.

Содржината на книгата, која е дел од двотомниот проект на Свето Стаменов и на проф. д-р Димитар Пандев „За македонистиката отворено – Отворено за македонистиката“, е сместена на 360 страници, а рецензенти се поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја проф. д-р Милан Јазбец и доц. д-р Бобан Карапејовски, додека, воведниот збор е на м-р Перчо Божиновски, заменик градоначалник на општина Охрид.

Амбасадорот Јазбец, делото го препорачува како своевиден тестамент за македонскиот опстој и патоказ, од минатото, преку сегашноста, до иднината.

Веле Митаноски

 

 

Back to top button
Close