Во Охрид слетаа првите туристи од Манчестер и од Лондон со воведената нова авиолинија

Новововедените сезонски летови од Манчестер и од Лондон ќе сообраќаат со по еден неделен лет, секоја среда, во периодот од 31 мај до 20 септември

На аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид денеска слетаа првите патници од Манчестер и од Лондон, со што се означи отворањето на овие две нови сезонски авиолинии на британската компанија ТУИ.

Новововедените сезонски летови од Манчестер и од Лондон ќе сообраќаат со по еден неделен лет, секоја среда, во периодот од 31 мај до 20 септември, а ТУИ УК ќе лета со „боинг 737“, со капацитет од 189 седишта.

Со воведувањето на овие две авиолинии во Охрид во текот на летната сезона се очекува да пристигнат околу 6 000 британски патници.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска присуствуваше на пречекот на британските патници, вели дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион и на авиосообраќајот, бидејќи новите авиолинии значат зголемен број на туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој.

„Охрид како најголем туристички центар за нас е многу важен и токму нашите политики се во насока на негов забрзан економски развој и подигнување на туристичкиот потенцијал. Остануваме фокусирани на унапредување на цивилното воздухопловство и авиосообраќајот во земјата. Наша цел е максимално да ги искористиме капацитетите на нашите два меѓународни аеродроми“рече Бочварски.

 

Back to top button
Close