Во „Пејпар мил“ инсталиран нов филтер за спречување на аерозагадувањето, вицепремиерот Битиќи во посета на компанијата

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во придружба на градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев денеска присуствуваше на обновувањето на производствениот процес во фабриката за хартија „Пејпар мил“, во која беше инсталиран нов вреќест филтер на оџакот и придружна опрема за спречување на аерозагадувањето.

Генералниот директор на компанијата, Јулијан Даскалов ги образложи досегашните и планираните инвестиции за да се заштити животната средина во регионот, при што нагласи дека неодамнешните мерења на квалитетот на воздухот што ги направила независна, акредитирана и светски позната лабораторија, покажале вредности што се за четириесет пати пониски од законски пропишаните.

– Пред неколку месеци граѓаните можеби со право протестираа против загадувањето на воздухот, а менаџментот на компанијата имаше слух, прекина со производството, но ги задржа сите 120 работници, кои денес гледаме дека повторно се вратени на работа. Ова е охрабрување, не само за оваа фабрика, туку и за сите останати во државата, кои се свесни и кои работат во интерес на граѓаните, Владата е овде да ги поддржи. Сопствениците од Бугарија го сфатија проблемот, брзо реагираа, вложија дополнителни средства и проблемот е надминат, истакна Битиќи.

Зборувајќи за важноста од работењето на „Пејпар мил“, вицепремиерот додаде дека со собирањето и рециклирањето хартија со сегашниот капацитет од 14 илјади тони годишно, како и со најавените инвестиции за негово двојно зголемување, ќе се собира целата отпадна хартија во државата, со што дополнително ќе се заштити животната средина.

Менаџментот на компанијата очекува до крајот на годината да биде завршена и пречистителната станица за отпадни води.

-Нашите заложби за чиста и здрава животна средина не се само со вложувања во спречувањето на аерозгадувањето. Во тек е третата и последна фаза за комплетирање на пречистителната станица за отпадни води, инвестиција од 300 илјади евра, што планираме да биде завршена во текот на оваа година. Динамиката на нејзината реализација е тесно поврзана со работењето на фабриката, заради набавка и тестирање на потребната опрема. Со привремениот прекин што го имавме, беше пролонгиран и овој проект, но очекуваме да биде завршен до крајот на годината, истакна Даскалов.

Најави дека во наредниот период ќе се реализира и таканаречена вертикална интеграција во производството, за што ќе се вложат околу пет милиони евра и ќе се создадат можности за почнување со нов производ, а што ќе значи и зголемување на бројот на работните места.

Back to top button
Close