Во периметарот

Додека македонските власти уште се обидуваат да живеаат под слоганот „први во редот“, бугарските власти изгледа се протуркале преку ред во периметарот и веќе разговараат како да го одбегнат можниот притисок за Македонија. Пишува Љупчо Поповски.

Една од работите што сигурно ќе остане подолго време во јавноста како политичко наследство на Христијан Мицкоски е неговото објаснување како тој и претставниците на македонската влада влегле во најблискиот периметар на американскиот претседател Доналд Трамп, како се наредиле први во редот, а другите зад нив цупкаат нестрпливо од нога на нога.

Не треба да ѝ се забележува многу на оваа желба на Мицкоски да биде што е можно поблиску до администрацијата на Трамп, затоа што може да донесе одреденa корист за Македонија – и во политиката и во економијата. И покрај тоа што единствената добра врска со Трамп 2.0 е министерот за трговија Хауард Лутник, изгледаше како гром од ведро небо што Македонија беше погодена од царини од 33 отсто, кои потоа за сите држави (освен за Кина) се сведоа на 10 проценти во наредните 90 дена. Нема што тука посебно да се објаснува – секирата ги погоди сите, па и нашата земја. Некои се уште поблиску до периметарот, па сепак не успеаја да го избегнат ударот. Шансите Македонија да го промени тоа беа многу минорни, дури и безначајни.

Иако не се зборуваше премногу јавно, ниту официјално се поткреваа очекувањата, главната надеж на Мицкоски и екипата беше дека новиот Вашингтон на некаков начин ќе ја притисне Бугарија да направи некои отстапки и Македонија да излезе од ќорсокакот на патот кон ЕУ.  Во ситуација кога Трамп и неговите министри драматично ги влошија односите со Европската унија (и на економски и на политички план), кога американскиот претседател сѐ уште се нема сретнато со Урсула фон дер Лајен, ниту со Антонио Кошта, а шефицата на европската дипломатија Каја Калас со државниот секретар Марко Рубио, оваа фантазија за периметарот се претвори во фантазмагорија. Како ќе притисне некого Рубио за македонскиот проблем кога нејќе да разговара со врвните претставници на Унијата, освен со министри за надворешни работи на одделни земји членки?

Кои се наредија први во редот?

Додека македонските власти уште се обидуваат да живеаат под слоганот „први во редот“ и „најблискиот периметар“, оние што се наши „архетипски непријатели“ – бугарските власти – изгледа се протуркале преку ред во периметарот и веќе разговараат како да го одбегнат евентуалниот притисок за Македонија, а притоа да избегнуваат да ја споменуваат. Дали Софија има повеќе да понуди или е поумешна, дали има разработена стратегија работите за Македонија да му ги остави единствено на Скопје – може да си заклучувате како сакате. Всушност како ви одговара, или како може да ги претставувате „алтернативните факти“.

Тоа не е многу важно, важни се вистинските факти, или настаните, на пример од последниве две недели за да изведете свои заклучоци што всушност се случува во периметарот. И во оној околу Трамп и во оној околу главните институции во Брисел.

Па, еве што работеа во периметарот политичарите од Софија и со Американците и со Европејците.

На 29 април бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев разговараше телефонски со државниот секретар Марко Рубио. За содржината на разговорите ќе ви ги предочиме соопштенијата од двете министерства.

Портпаролот на Стејт департментот вака го опиша разговорот:

„Државниот секретар Марко Рубио денес разговараше со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев. Тие разговараа за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во одбраната и енергетиката. Секретарот и министерот за надворешни работи разговараа и за важноста на диверзификацијата на енергијата, пристигнувањето на првите авиони ‘Ф-16’ и важноста на механизмите за проверка на инвестициите за заштита на Бугарија и НАТО од надворешни закани за критичната инфраструктура“.

Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио
Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио пред неколку дена телефонски разговарал со бугарскиот министер за надворешни работи Георг ГеоргиевФотографија: Ken Cedeno/CNP/AdMedia/picture alliance

Соопштението од бугарското Министерство за надворешни работи беше во сличен тон. „САД се наш клучен стратешки партнер и сојузник во НАТО, со кого ќе продолжиме да работиме заедно за да ги постигнеме нашите заеднички цели – енергетска безбедност, одбранбени капацитети и инвестиции“, му рекол Георгиев на Рубио. Двајцата ги разгледале клучните елементи на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, со акцент на продлабочување на соработката во областите на одбраната и нуклеарната енергија. Министерот Георгиев посебно ја нагласил зделката за купувањето на авионите „Ф-16“ (за тоа Бугарија плати две милијарди долари), потоа заедничките проекти за набавка на новите пешадиски борбени возила „Страјкер“ и противтенковските ракети „Џејвлин“. Георгиев и Рубио разговарале и за стратешката важност на договорот со американската компанија „Вестингхаус“ за диверзификација на нуклеарното гориво за нуклеарната централа „Козлодуј“ и за енергетска безбедност на Бугарија.

Ако досега беше тешко да се најде линија Рубио да разговара со некој наш претставник, од четвртокот може да биде уште потешко. По смената на Мајк Волц од местото советник за национална безбедност на Трамп, Рубио ја презема (барем привремено) и неговата функција. Тоа ќе биде првпат уште од 1970-те местата државен секретар и советник за национална безбедност да ги извршува еден човек. Тогаш тоа беше Хенри Кисинџер.

Но не беше само Георгиев во периметарот. Човек од најнепосредниот периметар на Трамп, неговиот син Доналд Трамп Помладиот, допатува во Софија пред неколку дена за учествува на конференција за вештачката интелигенција, криптовалутите и технологијата. Доналд Трамп Помладиот пристигна во Софија по втората посета на Белград за еден месец, каде што беше пречекан со сите српски нишани (печено прасе) од претседателот Александар Вучиќ. Претходно беше во Будимпешта.

Престојот на Доналд Трамп Помладиот во Софија беше таинствен, новинарите беа речиси исклучени од конференција, тој немаше средба со политичари. Се разбира, Бојко Борисов успеа да се види со него пред конференцијата за да му каже колку го цени неговиот татко со кого двапати се сретна во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп.

Доналд Трамп Џуниор
За Доналд Трамп Помладиот, кој нема официјална позиција во американската влада, бугарската престолнина беше станица на турнејата низ Источна ЕвропаФотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Willens

Форумот го организираше бугарската компанија за криптовалути „Нексо“, која беше подложена на драконска казна во САД. Пред две години мораше да плати казна од 45 милиони долари за да ги израмни регулаторните трошоци во САД. „Нексо“ на форумот најави дека сега се враќа во САД.

Покрај Доналд Трамп Помладиот, извршен потпретседател на Организацијата Трамп, на бизнис форумот „Трамп бизнис визија 2025“ во Софија присуствуваа и Гила Гамлиел, израелскиот министер за иновации, наука и технологија, и Антони Тренчев, коосновач на „Нексо“. Тие разговараа со повеќе од 150 претставници на бизнис елитата.

За Трамп Помладиот, кој нема официјална позиција во американската влада, бугарската престолнина беше станица на турнејата низ Источна Европа. Доналд Трамп Помладиот ја нагласи растечката важност на криптовалутите и дигиталните средства за американската администрација, нагласувајќи ја нивната улога во промовирањето на иновациите, потврдувањето на економското лидерство на САД и одржувањето на водечката позиција на земјата во технолошкиот свет: „Мислам дека крипто е иднината на финансиите. Клучот за сè што е поврзано со криптовалутите ќе биде регулаторната рамка“. Трамп Помладиот од Софија замина за Романија.

Трите дена на Антонио Кошта

Покрај овие два американски контакти, властите во Софија имаа уште еден, се чини многу поважен за односите со Македонија. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, беше во посета на Бугарија која за европски прилики траеше неочекувано, па дури и неразбирливо долго – дури три дена.

Во неделата, 27 април, Кошта имаше посебни разговори со премиерот Росен Жељасков и претседателот Румен Радев. Според извештаите, некои од главните теми на разговор меѓу нив биле поврзани со местото и улогата на Бугарија во Европската унија, европската одбрана и учеството на бугарската воена индустрија во неа, како и напредокот на Софија во исполнувањето на критериумите за пристапување во еврозоната. Се разговарало и за проширувањето на ЕУ, што значи и за Македонија. Кошта по разговорот со Жељасков рече дека Македонија во моментов не може да ги продолжи преговорите за пристапување бидејќи уште не ги исполнила условите од францускиот предлог, т.е. вклучувањето на Бугарите во Уставот.

Во соопштението од средбата на Радев со Кошта, кабинетот на бугарскиот претседател не ја споменува директно Македонија, но во неколкуте реченици на крајот од текстот кои се однесуваат на проширувањето на ЕУ, јасно се гледа дека тие се однесуваат на нашата земја:

„Не треба да дозволиме кршењата на принципите на демократијата и човековите права да бидат прикриени зад изјавените амбиции за членство во ЕУ“, нагласил Румен Радев и истакнал дека Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ како гарант за безбедноста, стабилноста и просперитетот на континентот, но за овој процес „да биде одржлив и неповратен, тој треба да се базира на систематски напори на секоја земја-кандидат за афирмирање на вредностите на демократијата и Копенхашките критериуми за членство“.

Кошта со Радев разговарал за иновациите, вештачката интелигенција и високите технологии. Обајцата се согласиле дека на ЕУ ѝ е потребна стратегиска автономија. Бугарската воена индустрија може да одигра важна улога во одбранбените планови на ЕУ. Вториот ден од посетата Кошта ја посети фабриката за оружје „Арсенал“ во Казанлак да добие увид како работи бугарската воена индустрија.

„Бугарската одбранбена индустрија игра многу важна улога не само за Украина, туку може да игра и одлучувачка улога за иднината на европската одбрана“, рече Кошта. Тој додаде дека во ЕУ „сите се импресионирани од значајниот напредок што го постигна Бугарија во исполнувањето на критериумите за еврото“ и се очекуваат уште два извештаи во јуни.

И да не кажуваме понатаму детали од бугарскиот престој во периметарот – американски или европски.

Ние уште не можеме да видиме што прави македонското лидерство во периметарот – американски или европски – ако воопшто е таму. Или само си замислува дека е таму во времето кога се откажа од Европа. Во овој момент тоа изгледа неповратно за наредните пет-шест години. Може да изјавуваме голема „радост“ на Молдавија да ѝ го честитаме влезот во ЕУ (по Црна Гора и Албанија) додека ќе мислиме дека уште нѐ грее некој слаб рефлектор во периметарот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close