Во петок ќе биде свикана собраниската комисија за избор на претседател на ДКСК

Седницата на ова собраниско тело ќе се одржи по претходно спроведената селекција на кандидати од страна на Комисијата за селекција на кандидати за избор на претседател на ДКСК, која започна со работа денеска. Денеска беа интервјуирани петмина од кандидатите, а останатите пет ќе бидат интервјуирани во текот на утрешниот ден

В петок се очекува да биде свикана собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на која треба да биде изгласан кандидатот за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Седницата на ова собраниско тело ќе се одржи по претходно спроведената селекција на кандидати од страна на Комисијата за селекција на кандидати за избор на претседател на ДКСК, која започна со работа денеска. Петмина од кандидатите беа интервјуирани денеска, а останатите пет ќе бидат интервјуирани во текот на утрешниот ден.

За претседател на ДКСК првично се пријавија 13 кандидати. Во меѓувреме еден од нив ги повлече документите, а за двајца Комисијата утврди дека не ги исполнуваат условите, со што бројот на кандидати се сведе на 10. Во трката за прв човек на ДКСК се – Весна Доревска, Владимир Наумоски, Антонио Санев, Бранко Смилевски, Валентина Тодоровска, Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, Кимо Чавдар, Адем Чучуљ и Феузи Џафери.

„Во моментов има десет кандидати кои ги исполнуваат условите. Денеска започнуваме со интервју со пет од нив, а утре ќе продолжиме со останатите пет. И планот е во петок да биде свикана собраниската Комисија за избори и именувања и претседател на ДКСК да биде избиран по оценувањето на Комисијата за селекција“ изјави пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Стојановски додаде дека по завршувањето на интервјуата на десетте кандидати, односно во четврток, членовите на Комисијата за селекција треба индивидуално да ги оценат и да донесат одлука за рангирање на кандидатите.

Членовите на Комисијата за селекција на кандидати за избор на претседател на ДКСК беа избрани уште во август годинава, но нивната работа беше ставена во мирување поради локалните избори. Изборот за претседател на Антикорупциската комисија доаѓа по оставката на досегашната, Татјана Димитровска, која е обвинета за две кривични дела во рамките на предметот „Адитив“.

Back to top button
Close