Во петок прва средба за зголемување на пензиите

Зголемувањето на минималната плата и најавениот раст на пензиите нема да повлечат ребаланс на Буџетот, уверуваат од Владата. За петок е најавен и првиот состанок за зголемување на пензиите, а решението ќе се носи низ дијалог со сите засегнати страни.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека за зголемувањето на минималецот кој треба да изнесува 18.000 денари се обезбедени средства во Буџетот, а за пензиите дека има пари во Фондот за пензиско и инвалидско осигирување.

– И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс. Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за еветуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ, истакна Битиќи.

Според Битиќи, финансиските извештаи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за лани, како година на пандемија и економска криза, покажуваат дека има значително зголемување на приходите заради движењето на економијата и на платите.

Преговорите за пензиите, како што вчера најави премиерот Димитар Ковачевски, ќе почнат в петок. На состанокот се очекува да се разговара за можноста за промена на методологијата за пензиите, а доколку се прави нова методологија, тогаш таа ќе биде направена низ дијалог и ќе се бара најодржливото решение прифатливо за сите, уверуваат надлежните.

 На ист начин ќе биде направена новата методологија за пензиите која што ќе биде резултат на дијалог со здруженијата на пензионерите, односно асоцијациите на пензионерите. Тој дијалог ќе започне в петок оваа недела. Министерката за труд и социјална политика веќе го има свикано првиот состанок на којшто ќе се разговара за моделите што ги имаат размислувано асоцијациите на пензионерите и економските ресори во Владата. Таа методологија треба да овозможи зголемување на пензиите кое ќе биде одржливо во текот на наредните години, при што треба да се внимава и на одржливост на пензискиот Фонд, изјави вчера Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на МИА по посетата на компанијата „Текспорт“.

Дополнително, со оглед на тоа што се работи за година на економска криза предизвикана од енергетската европска криза, се прават анализи и за дополнителна финансиска помош за пензионерите.

-Анализите се водат во насока помошта да биде скалеста, односно оние што имаат најмали пензии да добијат најмногу, а оние што имаат повисоки пензии соодветно на тоа да добијат износ, изјави Ковачевски, додавајќи дека во овој момент не може да каже конкретен износ бидејќи анализите се во тек.

Дека ќе се бара решение кое ќе биде најприфатливо за сите страни потврди и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој на вчерашната прес-конференција рече дека целта е исходот од преговорите да биде прифатлив за сите засегнати страни.

Пензионерите бараат зголемување на пензиите со оглед на растот на трошоците на живот.

Претходно, синдикатите бараа зголемување на минималната плата на 18.000 денари по што почнаа преговори на ниво на Економско-социјалниот совет и беше изнајдено заедничко решение за зголемување на минималецот со субвенционирање на придонесите на разликата од сегашните 15.200 до 18.000 денари. Законското решение за минималната плата во моментот е во собраниска процедура.

Back to top button
Close