Во Плевен првпат создадена копродукција на театри од Бугарија, Србија и Романија, поставена драма од македонски писател

Драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, првпат создаде копродукција со театри од Србија и Романија.

-Ова е прв сценски проект на здружението „Седум плус“, основано пред три години во Плевен, кое обединува театри од Европа и Балканот, изјави за БТА драматургот Василка Бумбалова.

-Делото е парабола за животот и моќта, напишана во 50-тите години на минатиот век, но и денес е актуелно, рече таа.

Претставата е базирана на драмскиот текст „Чудото на Свети Ѓорѓи“, фантастична трагикомедија на македонскиот писател Русомир Богдановски.

Таа духовито, забавно и апсурдно интерпретира заеднички теми за Балканот. Гротескната игра се одвива во неименувано кралство, каде се води вечна борба за моќ, за да се задржи народот во целосна послушност.

Претставата е на театарот од Плевен, Националниот театар – Ниш, Србија и Класичниот театар „Јоан Славичи“ – Арад, Романија.

Адаптацијата и режијата се дело на Никола Завишиќ од Србија, кореографијата на Андреа Гаврилиу од Романија, музиката на Милен Апостолов, сценографијата и анимацијата на Николај Димитров, костумите на Константин Валков, преводот на Светлана Атанасова, а драматургот е Андреј Филилов.

Учествуваат актери од трите театри: од Плевен се Асен Данков, Ентони Пенев, Бориса Сарафова и Надија Керанова. Српски актери се Драгиша Велковиќ, Драгана Јовановиќ и Марко Павловски, а романски актери се Марина Пали и Стефан Догару, со специјалното учество на Дејан Лилиќ.

Премиерата е на 28 и 29 јуни во Плевен. Потоа, претставата ќе се игра на 6-ти септември на фестивал во Ниш, а на почетокот на октомври во Романија.

Back to top button
Close