Во постапки за јавни набавки со само една понуда од јануари до јуни минатата година склучени договори тешки 283 милиони евра

За само шест месеци, од јануари до јуни 2023 година, во постапки за јавни набавки во кои учествувала само една фирма, биле склучени над пет илјади договори со вкупна вредност од 283 милиони евра. Ова го покажува најновиот извештај од мониторингот на јавните набавки од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Секој трет договор за јавна набавка во овој период бил во постапка без конкуренција, а тоа, како што забележуваат од ЦГК, е особено загрижувачко во областа каде што се трошат значаен дел од јавните пари – здравството. Во сите тендери од здравството кои биле предмет на мониторинг, како што се посочува во извештајот на ЦГК, изостанувала конкуренција во постапката за јавна набавка.

„Конкуренцијата изостанува дури и во тендери со огромна вредност, како што е двегодишната набавка на инсулин и глукагон за 2023 и 2024 година, во вредност од 28 милиони евра“се посочува во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Во значаен дел од постапките кои биле склучени во овој период, како што се наведува во извештајот, се утврдуваат количините на она што се набавува, со што, на штета на буџетските пари, се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ваквиот пристап, посочуваат од ЦГК, овозможува и манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите.

Еден од клучните наоди на извештајот е дека во нетранспарентна постапка со преговарање, без претходно објавен оглас, во првото полугодие од 2023 година биле склучени договори со вкупна вредност од околу 11 милиони евра,

„Една третина од вредноста на овие договори отпаѓа на договорите склучени од АД Електрани. Гледано вредносно, речиси една третина од овие договори ѝ припаѓаат на АД Електрани на С Македонија. Оваа државна компанија има склучено четири договори, во вкупна вредност од 212 171 080 денари (3,4 милиони евра)“се вели во извештајот.

Во наодите на извештајот се нотира дека во значаен дел од постапките не се утврдуваат количините на она што се набавува со што се овозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ваквиот пристап, се наведува, овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите.

„Тендециозноста во необјавувањето на количините може да се лоцира во едноставниот факт дека институциите, за да направат проценка на вредноста на набавката, мора да имаат одредени индикативни количини. Немањето количини е воочено во набавка на пумпи за гаснење пожар, телевизори, авиобилети, како и во набавката на услуги за привремени вработувања, за печатење обрасци и за миење возила. Во ниту еден од овие тендери не беа наведени индикативни количини на предметот на набавката“ се додава во извештајот на ЦГК.

Дополнително се посочува дека во првите шест месеци од 2023 година од вкупно објавените 11 930 огласи за јавна набавка, најниската цена била користена како критериум за избор на најповолна понуда во 95 отсто од нив. Изборот на најповолната понуда врз основа на најдобриот однос на цената и квалитетот, пак, била користена во само 646 набавки, а во една постапка е користен критериумот трошоци со примена на пристап на исплатливост.

„Ваквото постапување на институциите не е во согласност со начелата за економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства според член 4 став 2 од Законот за јавни набавки, според кој ‘договорниот орган ги спроведува јавните набавки на начин што ќе обезбеди соодветен квалитет на предметот на набавка во однос на неговата намена и вредност’“ се посочува во извештајот.

Во дел од наодите се нагласува дека и покрај широко распространетата корупција во јавните набавки, секторот за контрола во Бирото за јавни набавки наместо да се зголемува, се намалува, а за три години бројот на вработени во овој сектор кој се состои од одделение за управна контрола и одделение за претходна контрола е намален од 12 на осум вработени. Како позитивно во овој поглед, пак, се наведува зголемениот број на управни контроли на тендерите, од кои дел биле избрани и врз основа на проценка на ризиците од кршење на одредбите од законот.

Back to top button
Close