Во ПССЕ утре дебата за демократијата во Србија

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) утре ќе го разгледа функционирањето на демократските институции во Србија и ќе гласа за резолуција во чиј нацрт е изразена загриженост поради отсуството на дијалог меѓу владата и опозицијата, ризиците за независноста на судството, корупцијата, заканите за слободата на здружување и изразување, како и контрола врз медиуми.

Во нацрт-резолуцијата, што ќе ја презентираат известувачите на Мониторинг комитетот на ОБСЕ, Викторија Тиблом и Јунус Емре, кои го посетија Белград во март и разговараа со претставници на Владата, судството и обвинителството, како и со граѓанското општество, беше упатен повик до властите да вложат континуирани напори за почитување на сите обврски што произлегуваат од членството на Србија во Советот на Европа.

Како што е оценето, политичкиот живот во Србија се карактеризира со значителна поларизација и постојани тензии меѓу владата предводена од претседателот Александар Вучиќ од една страна и опозициските партии и граѓанското општество од друга страна. Масовните протести што следеа по трагедијата во Нови Сад во ноември 2024 година и смртта на 16 лица доведоа до појава на студентско движење, кое се стреми кон деполитизација на државните институции и борба против корупцијата, но уште не е етаблирано како нова политичка сила.

Посебна загриженост беше изразена во врска со состојбата со слободата на здружување и изразување, со осуда на одмазда, мерки за заплашување (вклучувајќи надзор, физички напади и закани со смрт) и кампањи за клевета против активисти на граѓанското општество, бранители на човекови права, новинари и независни медиуми.

Како приоритет, властите треба да ги спречат овие лоши практики и да обезбедат поволна средина за остварување на правото на слобода на здружување и општо изразување. Тие исто така треба да се воздржат од очекување на какви било законски мерки што би можеле да ги ограничат слободите и да воспостават структуриран дијалог со граѓанското општество, како и да обезбедат медиумски плурализам.

Дебатата за Србија е дел од летната пленарна седница на ПССЕ, што почна денесака и трае до 26 јуни.

Меѓу темите на дебата се заштитата на демократијата од нарушувања предизвикани од вештачката интелигенција, борбата против транснационалната репресија и состојбата на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Иран.

Пратениците ќе разгледаат и извештаи за потиснувањето на критичките гласови во Азербејџан, како и за функционирањето на демократските институции во Грузија.

Back to top button
Close