Во Расадник, наместо можности, повторно „се садат“ згради

Пред четири години, обидот да се направи уште една зграда во густо изградената зона во населбата Расадник во Општина Кисела Вода, го поттикна формирањето на едно граѓанско движење, кое се нарече „Расадник на можности“ и иницираше меѓународен конкурс за уредување на еден од последните големи отворени простори во тој дел на Скопје.

Утрово, пак, градежни машини почнаа да го расчистуваат токму просторот што беше повод за основањето на ова движење.

„Од овде почна иницијативата ‘За Расадник на можности за хуман живот во Кисела Вода’. Спречивме изградба на згради на единственото слободно парче на кое можеше да има зеленило. Ова се случува сабајлево“,напишаа од иницијативата на својата фејсбук-страница.

 

Движењето „Расадник на можности“ се формираше додека со општината Кисела Вода управуваше градоначалникот Филип Темелковски. Во тоа време општината се обиде да донесе детален урбанистички план за стариот расадник, со кој се предвидуваа уште повеќе простори за градба.

По промената на власта во 2021 година и преземањето на општината од сегашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, локалните власти почнаа поголема соработка со иницијативата за Расадник и распишаа два меѓународни конкурси за просторот.

Откако првиот беше неуспешен, на вториот, што беше спроведен лани, беа избрани два победнички труда за хумано домување, од проектантски куќи од Хрватска и од Грција. Во изборот учествуваше и партиципативно тело составено од експерти, архитекти и од претставници на граѓанските иницијативи. Презентацијата се одржа во ноември лани, во присуство на општинскиот врв.

Пет месеци подоцна, утрово, членовите на движењето се разбудија разочарани. Активисти на „Расадник на можности“ за „360 степени“ рекоа дека првично размислувале за протест поради новиот развој на настаните, но градоначалникот Ѓорѓиевски ги повикал утре на состанок, па одлуката дали ќе протестираат ќе ја донесат дополнително.

Back to top button
Close