Во разговори сме за нов состав на Комисијата за помилување, но не брзаме со формирањето – вели Сиљановска-Давкова

Смета дека можеме да се соочиме со обвинение од Советот на Европа дека можеби понекогаш сме го суспендирале правото на помилување на луѓето, што може да се третира како тортура. Посочи дека во затвор седат луѓе што згрешиле и затоа имаат право на помилување доколку по сторената грешка направиле чекори на ресоцијализација

Ниту јас како претседателка, ниту Комисијата за помилување, ниту Министерството за правда не сме истражни органи. Опасно е ако ние почнеме, наспроти она што сме го добиле од судовите, да се консултираме со различни органи и организации. Тоа би било упад во човековите права. Ова денеска го изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова коментирајќи ја последната одлука за помилување на десетината осуденици што предизвика реакции во јавноста.

Повтори дека Комисијата за помилување поднела оставка од лични и професионални причини, но дека веќе се во разговори за нов состав на комисијата.

„Не ги правам брзо работите. Разговараме, треба сите профили да бидат внатре вклучени. Разговараме и со експерти, со луѓе од невладиниот сектор, но и со стручни експерти од здравството, затоа што важно е на крајот тој процес на помилување, кој почнува во судот, а завршува со потписот на претседателот, ама претходно одмерувањето е од комисијата, да биде успешен“,вели таа.

За средбата што требаше да се одржи со членовите од минатите состави на Комисијата за помилување рече дека таа неколкупати е закажувана и одложувана поради други настани.

„Добро време е да се слушнат мислењата на сите претходни членови на комисиите, за да видиме какви се нивните искуства и сознанија и во кој правец треба да одат промените“рече претседателката.

Коментирајќи ги реакциите на јавноста поради помилувањето на контроверзни личности што се нашле на листата, посочи дека таа и членовите на Комисијата се воделе од филозофијата за заштита на човековите права.

„Верував и сè уште верувам дека луѓето и кога се во затвор се луѓе. Можеби се расчовечиле во одредени моменти, но не треба да заборавиме дека тие се граѓани, гласаат и затоа и постои правото на помилување. Секој треба да добие шанса за социјализација и за ресоцијализација“ вели Сиљановска-Давкова.

Според неа, најважниот чекор е првиот, односно дека молбите за помилување доаѓаат преку судот. Во таа насока, таа смета дека судот е должен кога го креира досието за осудениот и оној што бара помилување да ги наведе сите релевантни акти, не само пресудите, туку и однесувањето на затворениците.

„Но, да не заборавиме комисијата секогаш трга од делото што го сторила личноста и од нејзиното однесување откако ќе влезе во затвор. Ние не можеме да создаваме некои слики врз основа на други слики. Набрзо ќе се соочиме со обвинение од Советот на Европа дека можеби понекогаш сме го суспендирале правото на помилување на луѓето, што може да се третира како тортура. Во затвор седат луѓе што згрешиле. И затоа има право на помилување доколку по сторената грешка направиле чекори на ресоцијализација“ рече таа.

Сиљановска-Давкова ја прифати оставката на Комисијата за помилување, најавува консултации за новиот состав и слабостите во системот за помилување

Најмногу негодувања во јавноста имаше за името на Акиф Равманоски, кој се најде на листата на помилуваните, а кој е познат и како член на наркокланот Барон. Два дена по помилувањата, на излегување од затвор, Равманоски беше повторно уапсен, а членовите на Комисијата беа повикани на состанок кај претседателката.

Претседателот на Комисијата, Методија Каневчев, тогаш изјави дека при одлучувањето се воделе од делата или во случајот за Равманоски од првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, која била условна, но потоа била заменета со ефективен затвор од страна на Апелацискиот суд.

Личностите се интересни во негативна смисла, но Комисијата се водела од конкретните дела, вели Сиљановска-Давкова за одлуката за помилуваните осуденици

По објавувањето на одлуката за помилувањата и реакциите во јавноста претседателката Сиљановска-Давкова тогаш посочи дека личностите на листата се интересни во негативна смисла, но и дека Комисијата се водела од конкретни дела.

На списокот на помилувани е и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, како и Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „Версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во Трговскиот центар „Мавровка“.

На листата е и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“, чија казна затвор се намалува за три месеци.

Back to top button
Close