Во Рим втора рунда преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма

Во Рим денеска се одржува втората рунда преговори меѓу Иран и САД за нуклеарна програма на Исламската Република.

Преговорите се одржуваат зад затворена врата во Оманската амбасада во Рим и имаат за цел да се надоградата усогласените прашања од нивниот прв круг, кој се одржа во Оман минатата недела, пренесува ДПА.

Делегацијата на САД е предводена од специјалниот пратеник на Белата куќа Стив Виткоф, а шеф на иранската делегација е министерот за надворешни работи Абас Арагчи. Посредник во преговорите е министерот за надворешни работи на Оман Бадр ал Бусаиди.

Али Шамхани, политичкиот советник на врховниот ирански лидер Али Хамнеи, веднаш по стартот на втората преговарачка рунда преку објава на социјалните мрежи порача дека Иран е подготвен за договор за нуклеарната програма, но, како што нагласува, под одредени услови.

– Сакаме избалансиран договор, а не предавање, напиша тој на X. Шамхани повика на целосно укинување на санкциите, вклучително и олеснување на ограничувањата за странските инвестиции и крај на заканите од Израел и САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп досега повеќепати му се закани на Техеран со воени последици доколку преговорите не успеат, наведувајќи дека неговата главна цел е да ја спречи иранската програма за нуклеарно оружје.

Стив Виткоф неодамна изјави дека договор ќе биде постигнат само доколку Техеран целосно ја прекине својата програма за збогатување ураниум и развој на оружје, што е значително заострување во споредба со неговиот претходен став кој сугерираше дека е можно ограничено збогатување за цивилна употреба, под строга контрола.

Шефот на иранската дипломатија Арагчи изрази отвореност за отстапки во однос на нуклеарната програма и нивото на збогатување ураниум, нагласувајќи дека Иран не сака да развие нуклеарна бомба. За возврат, Иран бара укинување на американските санкции.

Сепак, според Арагчи, целосното откажување од нуклеарната технологија не е предмет на дискусија.

Дополнителни теми кои предизвикуваат несогласувања меѓу САД и Иран се и иранската ракетна програма и политиката на Блискиот Исток, особено поддршката на Техеран на милитантните исламистички групи кои се борат против Израел.

Back to top button
Close