Во Романија запленети речиси половина милион фалсификувани евра

Во Романија се запленети речиси половина милион лажни евра, а власта со поддршка на европската полициска агенција Европол разби организирана криминална група која фалсификувала евра и романски леи.

Како што соопшти Европол, во вчерашната спроведена акција се уапсени десет осомничени лица, шестмина се ставени под полициски надзор, претресени се 28 куќи и запленети се речиси 450.000 фалсификувани евра во апоени од 50, 100 и 500 евра.

Запленети се и 16.000 вистински евра и леи, како и одредено количество кокаин и канабис.

Во соопштението се наведува дека криминалната група била активна три години, а фалсификуваните пари ги пласирала во неколку земји на ЕУ, како што се Австрија, Белгија, Германија, Грција, Италија, Литванија, Холандија, Романија, Словачка и Шпанија.

Во акцијата учествувале безбедносните сили на Австрија, Белгија, Германија и Шпанија, а во истрагата помогнала и Европската централна банка.

Back to top button
Close