Во Романија запрен камион со нелегален отпад од Македонија

Според соопштение на романската гранична полиција, станува збор за количина од 21 800 килограми отпад од обоени материјали

Над 21 тон отпад, кој доаѓал од С Македонија, е запрен во романскиот град Турну Магуреле, во близина на бугарско-романската граница, по откриени повеќе неправилности, објави романската гранична полиција.

„На 26 октомври граничарите од граничниот премин кај Турну Магуреле, во округот Телеорман, извршиле контрола на камион управуван од македонски државјанин на возраст од 32 години. Според царинските документи за стоката, станува збор за количина од 21 800 килограми отпад од обоени материјали. Бидејќи постојат сомневања за законитоста на соодветниот транспорт, граничарите побараа поддршка од инспектори за животната средина од областа Телеорман“,

се наведува во соопштението на романската гранична полиција.

По извршените проверки, констатирано е дека во транспортното средство има пластичен помешан со обоен отпад. Тој бил натоварен во Македонија и бил наменет за фирма во Романија.

Граничната полиција не дозволила камионот да влезе во Романија, бидејќи во земјата е забранет увоз на мешан отпад, но и поради недоследностите во царинската документација.

Back to top button
Close