Во Русија, но и во Бугарија: Историски комплекси, лаги и фантазии, пишува бугарскиот професор Дичев

Путин се почувствува силен и ја нападна Украина. А, неговите успешни медиумски напади наведоа многу Бугари да веруваат дека НАТО всушност напаѓа некого, дека во Добас се прави геноцит и дека окупаторите биле мировници. Што навистина се случува?, пишува во колумна за „Дојде веле“ на бугарски јазик професорот по културна антропологија Ивајло Дичев

Чекавме да видиме која причина Путин ќе ја најде за да ја нападне Украина. Нападна без причина. Поточно, без причина од сегашноста. За артилериските, извинете, вербални подготовки за инвазијата, Путин се сврте кон историјата.

Вака бугарскиот професор по културна антропологија Ивајло Дичев ја почнува својата колумна за „Дојче Веле“ на бугарски јазик, во која прави паралела на руско-украински со бугарско-македонските спорења околу историските прашања.

Во дел од колумната тој потсетува дека Путин ја нарекол Украина измислена земја, а потоа посочува и дека „не знае дали вреди да се влезе во историска дебата со автократот од Кремљ“.

„Потсетете се дека Киевска Русија е неколку века постара од московската Русија, земете ги предвид неуспешните обиди да се воспостави автономна украинска република по 1917 година, уништена од Советска Русија. Историјата е одлично место каде може да се најдат факти за поддршка на различни тези. Прашањето не е која е точно историската вистина. Без разлика како и зошто настана, Украина денес е независна меѓународно признаена држава“,пишува Дичев.

Понатаму во колумната тој констатира дека користењето на историјата за политички цели не е од вчера, но во последните години сепак, тоа станува се понаметливо.

„Погледнете ја само нашата уцена кон Северна Македонија. Главните аргументи се всушност сосема слични на оние на Путин. Тоа беше држава измислена од Коминтерната, немаше идентитет, всушност таму зборуваа бугарски. Ако се појави под одредени историски околности, тогаш нема реалност – иако ние ја признаваме како држава, исто како што Русија ја призна Украина, приближно во исто време. Фала богу, немаме сериозна војска да одиме да ја земеме како што веќе пробавме“,пишува Дичев.

Бугарскиот професор понатаму се осврнува и на лидери од останати држави наведувајќи дека и „други сакаат да си играат со историските фантазии“.

„Да не мислите дека оваа историска реконструкција е само наш патент? Трамп дојде на власт со ветување дека ќе ја направи Америка ’повторно голема‘ (како кога?). Борис Џонсон дека ’ќе ја врати контролата‘ (кој му ја одзеде?). Ердоган, од друга страна, постојано нè заковува, нарекувајќи ги народите од неговата поранешна империја ’приближни на неговото срце‘“,пишува Дичев.

Историските фантазии, констатира бугарскиот професор, се омилени особено на екстремно десничарските политичари.

Но, зошто вели фантазии?

„Затоа што сериозната историска наука се чува за да не стане оружје во рацете на политичарите. Историчарот знае премногу за да биде националист, пишуваше Ерик Хобсбаум. Тој ја разбира повеќеслојната природа на процесите, ги гледа противречностите во каузалноста. Популистот вади настани што му се кажуваат, ги оптоварува со огорченост и страсти, па ги разобличува ’митовите‘ на официјалната наука која крие разни вистини од граѓаните“,вели Дичев.

Кај нас, пишува во продолжение на колумната, овие популисти се легија и нивните тези понекогаш влегуваат во комични противречности.

Back to top button
Close