Во рускиот напад во Суми загинаа најмалку 31 лице, меѓу кои и две деца
Украинската државна служба за итни случаи издаде ново соопштение во кое се вели дека најмалку 31 лице, меѓу кои две деца, загинале во нападот утринава врз градот Суми.
Службата посочува дека во денешниот напад се повредени 84 лица, вклучително десет деца. Спасувачките работи продолжуваат на местото на настанот, се додава во соопштението.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха реагираше на нападот кој е изведен на Цветници, во време кога луѓето одат во црква. – Изведувањето на ваков напад за време на голем христијански празник е апсолутно зло, оцени Сибиха. Тој додаде дека официјалните лица „споделуваат детални информации за ова воено злосторство“.
Сибиха, исто така, ја критикуваше Русија за одбивањето на предлогот за прекин на огнот од САД и ги повика партнерите на Украина да го зголемат притисокот врз Москва. – Силата е единствениот јазик што тие го разбираат и единствениот начин да се стави крај на ужасниот терор, оцени тој.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека смртоносните напади биле извршени со балистички ракети и повика на „силен одговор од светот“ во изјавата. „Русија сака токму ваков терор и ја продолжува оваа војна“, рече Зеленски. „Без притисок врз агресорот, мирот е невозможен. Разговорите никогаш не ги запреле балистичките ракети и бомбите. Треба да се однесуваме кон Русија онака како што заслужува терорист“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Деловите од Суми погодени во нападот утринава се во близина на три театри, универзитетска болничка клиника, конференциски центар, теретана и концертна сала. Нема воени цели во погодената област во рамките на познатата зона на прецизност на ракетата Искандер-М, која се проценува на 30-70 метри, што, според украински медиуми, укажува на тоа дека станува збор за намерен напад на цивили.
Нападите го погодиле центарот на градот на Цветници, додека жителите присуствувале на црковни служби на еден од најфреквентните денови за одење во црква во годината, според украинската министерка за економија Јулија Свириденко.
Две балистички ракети беа истрелани од Русија во центарот на градот, рече Володимир Артјух, шеф на воената администрација во регионот. – Во тој момент, многу луѓе беа на улица, рече тој. – Непријателот се надеваше дека ќе нанесе најголема штета на луѓето во градот Суми.
Артем Кобзар, в.д. градоначалник на Суми, ја потврди бројката на загинати, велејќи: Многу луѓе се убиени денеска како резултат на ракетниот напад.
Видео објавено од министерот за внатрешни работи Ихор Клименко покажува пожарникари кои реагираат на местото на настанот, гасејќи запалени автомобили и евакуирајќи жена од нејзиниот дом. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат уништени згради, разнесени прозорци и купишта урнатини. На земјата можат да се видат тела покриени со ќебенца за итни случаи.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Каја Калас го нарече инцидентот „ужасен пример за Русија која ги засилува нападите додека Украина прифати безусловен прекин на огнот“.
Русија во последните недели ги зголеми воздушните напади и ракетните удари врз регионот Суми, додека ги истиснуваше украинските сили од поголемиот дел од соседната руска територија Курск. Нејзините сили исто така окупираа неколку мали населби веднаш до регионот Суми.
тој.