Вo сабота проекција на грчкиот филм „Што ако“ во Кинотека

Проекција на грчкиот филм „Што ако“ (What If), во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе се одржи в сабота во 20:00 часот, во Кинотека. Настанот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има за цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.

Филмот What If, е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата Netflix серија Maestro in Blue. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следи приказната на Димитрис, 33-годишен ерген кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар по име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне.

 

Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот, прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две различни перспективи.

Филмот се препорачува за лица над 16 години, а влезот е бесплатен, по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Back to top button
Close