Во самоубиствен бомбашки напад во Авганистан убиени четири лица, меѓу кои и локален полициски командант

Во самоубиствен бомбашки напад во источната авганистанска провинција Нангархар денеска се убиени најмалку четворица авганистански локални полицајци, потврдија властите, јави ДПА.

Повредени се уште 11 лица, меѓу кои и двајца локални полицајци, откако напаѓачот самоубиец активирал возило наполнето со експлозив, насочувајќи го ударот кон командантот на локалната полиција и неговите телохранители.

Портпаролот на провинциската влада за ДПА изјави дека експлозијата се случила во областа Куз Кунар, позната и како Кева, која е целосно контролирана од владините сили.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, додава агенцијата.

Провинцијата Нангархар, во близина до границата со Пакистан, долго време беше упориште и за Исламска држава и за Талибанците и во неа во изминатите неколку години имаше  жестоки борби, потсетува ДПА.

Back to top button
Close