Во СДСМ сите кандидати за претседател на државата имаат еднаква стартна позиција, вели Ковачевски

СДСМ веќе отпочна процедура за номинација на можни кандидати за претседател на државата

Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски не би имал предност пред останатите претседателски кандидати кои ќе ги номинира СДСМ доколку одлучи да се кандидира за втор мандат. Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека сите претседателски кандидати кои ќе ги номинира неговата партија ќе имаат еднаква стартна позиција во номинациската трка.

„СДСМ веќе отпочна процедура за номинација на можни кандидати за претседател на државата. Вчера беа одржани и првите состаноци на ниво на општински раковоства и веќе ќе започнат процесите на номинација во сите месни организации“ информира Ковачевски.

Прашан дали Пендаровски би бил поддржан од владиниот партнер ДУИ доколку биде избран за кандидат за претседател од редовите на СДСМ, Ковачевски рече дека не може да зборува во име на други политички партии.

„Што се однесува до Пендаровски, тој успешо го извршуваше својот претседателски мандат, се држеше до вредностите за кои се залагаат коалиционите партнери кои ја поддржа неговата кандидатура кога беше избран за претседател, ги поддржуваше евроинтеграциите на државата и сметам дека сите граѓани ги третираше со еднаква почит. Така што, во моментов можам да зборувам за тоа какви вредности треба да дели кандидат којшто би бил кандидат на коалицијата која е најголема во државата, меѓутоа не можам да прејудицирам кој ќе биде кандидатот затоа што тоа би било неетички, неблагодарно и нестатутарно“ посочи Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски во синоќешното интервју за ТВ Сител изјави дека до втората половина на февруари ќе се изјасни дали ќе се кандидира за втор претседателски мандат

Back to top button
Close