Во Сиера Леоне регистрирани над 3.000 заболени од мпокс и 14 починати
Bо сите 16 окрузи во Сиера Леоне регистрирани се пациенти со мпокс. Од почетокот на годината во земјата има 3.011 заразени лица и 14 починати, соопшти Министерството за здравство.
Поради ширење на болеста се прошируваат болничките капацитети во западноафриканската држава.
Мпокс е помалку опасна и заразна болест од големите сипаници, кои се искоренети во 1980 година. Симптомите обично се треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, изразен умор, пликови на лицето, рацете, стапалата и гениталиите. Болеста обично поминува сама по себе, но ризична е за лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени.
Болеста првпат е регистрирана во 1958 година во колонија мајмуни за истражувачки цели во Данска, поради што била именувана – мајмунски сипаници. Потекло на болеста не е познато, но се претпоставува дека ја пренесуваат африкански глодари и нечовечки примати, меѓу кои и мајмуните. Првиот случај на мпокс кај човек е дијагностициран во 1970 година во Демократска Република Конго.
По реакциите дека мајмунски сипаници е расистичко и стигматирачко име, СЗО во ноември 2022 година соопшти дека ќе се користи нов термин – мпокс. Тогаш СЗО препорача една година да се користат двете имиња, а потоа само мпокс.
Светска здравствена организација минатата година прогласи највисоко ниво на тревога поради ширењето на мпокс