Во синоќешните инциденти во Атина приведени 30 лица
Во инциденти што синоќа се случија во центарот на Атина по протестот за железничката несреќа кај Темпи, приведени биле 30 лица, од кои седум се уапсени, повредени биле тројца полицајци, како што соопштија од грчката полиција, додека според информациите на дописничката на МИА од Атина, полесно повредени беа и двајца демонстранти.
Инцидентите започнаа по завршувањето на официјалниот дел, кога групи маскирани лица ја нападнаа полицијата со молотови коктели и разни предмети и запалија канти за отпадоци, а полицајците одговорија со шок бомби и солзавец.
Со повремени прекини инцидентите, што се проширија околу поширокиот дел на плоштадот Синтагма и околните улици, траеја речиси три часа и завршија околу полноќ.
Протестот за железничката несреќа кај Темпи беше организиран од организации, здруженија, работнички центри, синдикатот на Комунистичката партија, студентски здруженија и сл и беше во исто време со почетокот на тридневната расправа во Парламентот за предлогот на четири опозициски партии за гласање недоверба на Владата.
Како што објави МИА, на почетокот на протестот со 57 хартиени фенери, што беа пуштени во воздух пред грчкиот Парламент организаторите им оддадоа почит на загинатите 57 лица во железничката несреќа.
Демонстрантите беше уште еднаш ја повторија нивната порака дека бараат правда и одговорност за несреќата.
Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година во директен судир на патнички и товарен воз, при што загинаа 57 лица.
Нови протести се закажани за утре, учениците и студентите организираат собири на пладне, додека пак демонстрации ќе се одржат и во попладневните часови, односно во исто време кога во Парламентот ќе се гласа по предлогот на опозициските партии за гласање недоверба на Владата.