Во Скопје отворена најголемата и најсовремена форензичка лабораторија на Балканот
Во просториите на Министерството за внатрешни работи, денеска свечено беше пуштен во употреба новиот објект на Одделот за форензички испитувања при МВР, капитален проект финансиран преку ИПА средства од пристапната помош на Европската Унија.
Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на свеченоста рече дека првпат во историјата на службата за форензички испитувања во земјава на вакво високо ниво се унапредуваат условите за работа на припадниците на МВР.
-Од друга страна овие модерни и добро опремени форензички лаборатории, ќе бидат корисна алатка на полицијата и правосудниот систем во борбата со криминалот, што ќе резултира со поквалитетна истрага и зголемена откривачка дејност. Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европски практики и стандарди, рече Ковачевски.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето рече дека ова е најсовремената форензичка лабораторија на Балканот и дека ова е директна потврда за пристапните преговори со Европската Унија.
-Во тек на долгогодишниот развоен процес, македонските форензички лаборатории постојано се модернизираат, а се имплементираат и меѓународни стандарди од областа на форензичкото работење. Во тој контекст, вреди да се напомене дека Одделот за форензички испитувања е акредитиран согласно барањата на меѓународниот стандард ISO 17025 за компетентно, непристрасно и доследно работење на лабораториите. Паралелно со опремувањето на форензичките лаборатории со современа опрема, зголеменото потпирање на научни докази бараше и соодветни просторни капацитети за целосно практично ефектуирање на надлежностите на лабораториите. Тоа е диктирано и од зголемување на обемот на работа во лабораториите, а во исто време и од воведувањето лабораториски операции кои се со зголемена сензитивност и прецизност, рече министерот Спасовски.
Европскиот амбасадор во нашата држава, Дејвид Гир, рече дека ЕУ обезбеди специјализирана форензичка опрема и ја финансираше изградбата на зградата во која е сместен овој Оддел, во вредност од 3,6 милиони евра.
-Овој проект е само дел од големата помош на ЕУ за полициските реформи. Што е една од најпредизвикувачките задачи што една влада може да ги преземе на патот кон интеграцијата во ЕУ. И тоа е дел од реформата на владеењето на правото – напредокот на кој ќе го одреди темпото на пристапување, истакна Гир.