Во Скопје се одржа протест за кучето Феликс, граѓаните бараат правда и затвор за убијците на животни
Пред Министерството за внатрешни работи денеска се одржа протест за кучето Феликс. Граѓани, активисти и љубители на животни се собраа заеднички да побараат правда за убиеното куче и да испратат порака дека насилството врз животните мора да престане, а сторителите да бидат соодветно казнети.
Како што соопштија организаторите Зелен Хуман град, протестот започна во 12 часот, а маршот продолжи кон Основното јавно обвинителство и Кривичниот суд. Присутните едногласно побараа максимална затворска казна за Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски, осомничени за убиство на Феликс.
Барањата од протестот се итно расчистување на случајот со Феликс и изрекување максимална затворска казна за сторителите, воведување минимум од една година задолжителна затворска казна за кривичното дело убиство и мачење животни, формирање локални општински служби за заштита на животните, донесување закон за Комунална полиција со единица за полиција за животни, спроведување превентивни мерки за редуцирање на насилството врз животните и системска едукација за хуман однос кон животните.
Воедно, организаторите потсетија дека во македонскиот Кривичен законик веќе речиси 20 години постои член за кривично дело убиство и мачење животни, но досега не е изречена ниту една затворска казна.
Фото:Зелен Хуман град