Во Скопје вечерва започна третата „Парада на Гордоста“


Под мотото „Излези за љубов! достоинство, еднаквост, правда“, организаторите националната мрежа против хомофобија и трансфобија пред малку го започна овогодинешното издание на „Скопје прајд“. Неколку илјади луѓе околу 17 часот се собраа на почетната точка во паркот „Жена-борец“ во Скопје за почетокот на третата по ред скопска парада на гордоста.

Протестниот марш по скопските улици  започнa во 19 часот, веднаш по кратките поздравни говори. Парадата ќе продолжи со културно уметничка програма на Стадионот на АРМ, која ќе биде отворена со настап на овогодишната македонска претставничка на Евровизија, Андреа Коевска.

Според најавите на стадионот на АРМ ќе настапи и оперската пејачка Наде Талевска, како и дрег кралици од земјава и од регионот. Свои диџеј сетови ќе имаат Андреј Мицајков, Јана Тодоровска, Мартина Пенева и Џинџер.

„Прајдот е крик во име на милионите луѓе соочени со социјално исклучување, нарушена телесна автономија и ограничен пристап до услуги кои се достапни за сите останати. Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на нашата борба за еднаквост“, порачаа пред собирот организаторите од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).

На градските улици покрај организаторите и учесниците на маршот на „Скопје прајд“ забележливо е и големо присуство на полициски сили кои го обезбедуваат овогодинешниот собир. Засега според информациите од терен, собирот се одвива мирно и достоинствено.

Back to top button
Close