Во Скопје владее режим и едноумие, реагира ЛДП по отказот на претседателот на синдикатот во „Водовод“

Отказот на претседателот на синдикалната организација на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, Стојанче Кашиковски, покажува дека во Скопје почнува да владее режимот и едноумието на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од Либерално-демократската партија (ЛДП) откако вчера информацијата ја објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

„Отказот на Кашиковски не само што е спротивна на закон и колективен договор, туку е показател дека кадрите поставени од градоначалничката на ДПМНЕ – Данела Арсовска не почитуваат различно мислење во една демократска земја. На граѓаните им е смачено од секојдневни политички драми, тие сакаат да видат засукани ракави и функционални претпријатија, не партии кои ќе прават вработи-отпушти“велат од ЛДП.

Од партијата ја испраќаат истата порака како и ССМ, според закон и колективен договор, претседател на синдикат не може да добие отказ особено што во овој момент има постапка за почеток на штрајк и тоа се смета за притисок и порака кон работниците да бидат послушни на директорот Марјанче Митовски.

„Потребна е итна седница на Управниот одбор на претпријатието за да се утврди и зошто Митовски не ги спроведува одлуките на ССМ“додаваат од ЛДП.

Вчера од Сојузот на синдикати на Македонија обвинија дека отказот е даден незаконски и од неоправдана причина која ја смислил Митовски дека претседателот на синдикатот не извршувал работни задачи за време на годишен одмор.

„Отказот е даден поради тоа што конфликтниот Митовски лошо смислил дека работникот Стојанче Кашиковски е должен да извршува работни задачи и обврски за време на годишен одмор, а единствено одговорно лице кај правното лице согласно Статутот на ЈП ’Водовод и канализација‘ Скопје за извршување на тие задачи бил токму Митовски во својство на в.д директор“ рекоа вчера од ССМ.

Back to top button
Close