Во Софија изведена „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугарија

Во Националниот дворец на културата во Софија синоќа, со заеднички настап на македонската, софиската филхармонија и симфонискиот оркестар од Солун, беше изведена „Кармина Бурана“ од Карл Орф.

 

„Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската ‘Кармина Бурана’ од Карл Орф која се случи во големата сала на НДК во Софија. Македонската филхармонија, софиската филхармонија и државниот оркестар на Солун, како и софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилираа на сцената од каде зрачеа силни креативни вибрации“објавија од македонската филхармонија на нивниот фејсбук-профил.

Како што посочуваат оттаму, главниот „виновник” за овој спектакуларен концерт, маестралниот диригент Најден Тодоров не ја криел неизмерната среќа „што конечно се реализираше оваа идеја за уметничко сплотување на три оркестри во едно тело“.

„Вечерва се потврди уште еднаш дека музиката не разбира граници, туку ја возвишува секоја идеја и мисла во чиста убавина“потенцираат од Филхармонија.

Back to top button
Close