Во Софија отворена Десеттата ноќ на литературата

– Во Домот музеј на поетот Пејо Јаворов во Софија денеска започна Десеттата ноќ на литературата, што ја организираат културните центри на странските држави акредитирани во Бугарија за да ја презентираат културата на своите земји

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на оваа значајна културна манифестација во бугарската престонина учествува и македонскиот поет Владимир Мартиновски како преставник на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија.

Мартиновски ги читаше своите дела пред собраната публика, меѓу кои беа познати бугарски интелектуалци, млади уметници, странски дипломати кои работат во Софија.

Пред публиката, Атанас Караиванов, кој е директор на Националниот литературен музеј на Бугарија, рече дека куќата на Пејо Јаворов е соодветно место каде уметниците од Македонија можат да ги презентираат своите дела и достигнувања. Караиванов за МИА изјави дека Десеттата ноќ на литературата е важен културен настан во календарот на Бугарија. Настапите на гостите од Македонија се секогаш најпосетени според проценките на познавачите на културниот живот во Софија.

Освен стихови на Владимир Мартиновски, беа читани и стихови од бугарскиот поет Пејо Јаворов кој го посветил животот на ослободувањето на Македонија од османлиското ропство.во почетокот на 20 век.

Гости во литературното гнездо, каде што се претстави Владимир Мартиновски, беа делегација од Министерството за култура на Северна Македонија, како и специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски.

Back to top button
Close