Во Струмица почна 33.издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар “Ристо Шишков“

Завесата на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на Денот на независноста, вечерва ја кренаа актерите од НТ „Антон Панов“ Струмица со претставата „Синот“ од Флоријан Зелер во режија и сценографија на Благој Мицевски.

Годинашното фестивалско издание за отворено го прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Струмица отсекогаш била град со отворен дух, град кој знае да ја цени врвната уметност и да ги пречека пријателите со раширени раце. Верувам дека така ќе биде и на ова 33. издание на Меѓународниот фестивал на кое уште еднаш ќе ја потврдиме нашата длабока и искрена почит кон бардот на македонската глума, Ристо Шишков, рече Костадинов.

Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета се четириесетина актери од 12 претстави од земјава, Бугарија, Србија и од Италија.

Жирито го предводи ланскиот лаурет, Долорес Лео Поповиќ, кому вечерва му беше врачена плакетата за најдобро актерско остварување од минатогодишното фестивалско издание.

-Оваа награда за мене е од посебно значење и особена чест како независен актер, сиромашен актер, како алтернативен и панк актер и како КВИР актер, рече Лео Поповиќ.

Според селекторот на фестивалската програма, режисерот Љупчо Георгиевски, дванаесетте претстави избрани за учество на Фестивалот ќе понудат одлични актерски креации.

-Се радувам што и оваа година имавме богат и тежок избор, затоа што се повеќе и повеќе има конкурентни претстави и актерски ролји за оваа награда. Бидејќи се работи за фестивал на актерот, кадешто единствена награда е наградата „Ристо Шишков“, се разбира, дека водилка во селекцијата ми беше актерско остварување кое ќе биде конкурентно за оваа награда, рече Георгиевски.

Утревечер на фестивалската програма се три претстави: „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ во изведба на актерите на МНТ во режија на Егон Савин, „Бели ноќи“ според Достоевски во режија на Звездана Ангеловска на МНТ Скопје и копродукција и монодрамата „Фетишист“ според Мишел Турние во изведба на Здравко Стојмиров.

Фестивалот се одржува од 8. до 13. овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Струмица.

Back to top button
Close