Во Струмица стапуваат во сила мерки и препораки поради зголемено загадување
Во Струмица поради надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, и тоа надминување на вредноста од 150 микрограми на кубен метар во текот на два последователни дена, стапуваат во сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање.
„Согласно Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и надминување на вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни денови и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, информираме дека истиот е надминат на мерното место во Струмица“се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Концентрациите се изразени во микрограми на кубен метар
Мерките што ги предлагаат од МЖСПП се да биде интензивиран вонредниот инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола, како и да има контрола на терен на инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати.
Се препорачува да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние што се на дизел-горива и нерегистрирани возила.
Потребно е да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата, а има забрана и за горење на отворено.
Препорака има и за сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Работното време на лицата кои работат на отворено треба да биде реорганизирано и тие да работат од 11 до 17 часот
Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Според податоците на платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“, индексот на загаденост во Струмица попладнево е 165 и е означен во категоријата „нездрав“.