Во суд во Хонг Конг почна сослушувањето на 15 продемократски лидери

Во Хонг Конг денеска почнаа судските постапки за 15-те продемократски активисти, кои беа уапсени неодамна, во полициската акција насочена против клучните фигури на антивладиното протестно движење, јави ДПА.

Меѓу 15-те уапсени, заедно со другите истакнати пратеници и активисти, се и основачот на популарниот пандемократски таблоид „Епл Дејли“ и медиумски магнат, Џими Лаи, и основачот на Демократската партија на Хонг Конг, Мартин Ли.

Обвиненијата се однесуваат на кршење на јавниот ред со учество во три неовластени собранија што се случија на 18 август, 1 октомври и 18 октомври минатата година. Некои ќе се соочат и со дополнителни обвиненија за најавување на неовластени јавни маршеви на 13 септември и 19 октомври, пренесе германската агенција.

Пандемијата на Ковид-19 привремено, од јануари, ги прекина протестите во Хонг Конг, со наредбите за социјално дистанцирање, што дополнително го олеснуваат правното забранување на масовни собири.

Хонг Конг на 9 јуни ја одбележа првата годишнина од антивладините протести. Мораториумот за собирања  и натаму им ја отежнува работата на организаторите да добијат од полицијата одобрение за собирите, пренесува ДПА.

На 12 јуни, парламентот во Хонг Конг го усвои контроверзниот Закон за национална химна, со што секој што ќе го прекрши законот или ќе ја навреди химната ќе биде обвинет.

Кинескиот народен Конкрес во мај во Пекинг со 2.878 гласа „за“ наспроти еден „против“ гласаше за усвојување на нацрт-законот за национална безбедност во Хонг Конг, со што елегантно го прескокна  локалното законодавство на автономната област со посебен статус.

Back to top button
Close