Во светот на внуците, бабите и дедовците
За најголемиот број од нас, магијата на детството е длабоко поврзана со времето што сме го поминале со нашите баби и дедовци. Значајната улога на бабите и дедовците во грижата за децата, во фамилиите остана непромената до ден-денес.Бабите и дедовците за децата и денес се симбол за посебната магија на детството.Иако денешните баби повеќе не се вдовиците во црнина, како моите егејски баби.Затоа што денешните баби и дедовци изгледаат најмалку десет години помлади од бабите пред повеќе од половина век. Сепак, и кога бабите носат патики и фармерки на седумдесет и нешто години, тие на внуците им го даруваат истото чувство на безусловна љубов и посветеност, како што чинеле нивните баби и дедовци кога тие самите биле внуци.
Затоа светот на внуците со бабите и дедовците не изгуби ништо од фасцинацијата и за денешните внуци. Децата знаат дека за да бидат љубени од бабите и дедовците тие не мораат да се секогаш послушни, трудољубиви или одлични ученици. Тие ги сакаат такви како што тие се. Внуците чувствуваат дека тие за нив се најдрагоценото. Еден германски новинар раскажува што одговорила ќерка му, кога ја прашал зошто е толку убаво кај баба и‘ и дедо и‘. „Кај нив секогаш има повеќе чоколади, гледаме повеќе телевизија, а тие имаат и повеќе време”, одговорила таа. Повеќе време! Тоа е тајната на детството и на староста. Особеното чувството за времето. Бидејќи се чини дека децата и старите имаат безгранично многу време. Кај децата затоа што им се чини дека времето бавно изминува, а кај старите затоа што тие сакаат времето да изминува бавно. Затоа и за децата и за бабите и дедовците секој миг е вечност. Тие вистински живеат во мигот. И секој миг е среќа, радост и слобода.
Кога внука ми после училиштето ќе дојде кај нас на ручек, за мене е празник. Масата е веќе подготвена, а додека ручаме, таа ни раскажува како го поминала денот во училишето. А јас чувствувам дека во тој миг и самата сум девојчето што и‘ раскажува на прабаба и‘ за денот во училиштето, а таа ме гледа со восхит зад очилата со дебело стакло. А јас се радував што прабаба ми се радува за мојот училишен ден. Така и денес, не ужива само внука ни што сме го зготвиле нејзиното омилено јадење, туку и ние во тоа што преку неа, пак го доживуваме одблиску светот на детството. Кога внуците раскажуваат со кого играле во училишниот двор или со кого се скарале, ние, бабите и дедовците, веднаш сме вратени во нашето детство и затоа, од нашето искуство, можеме да ги утешиме дека кавгите меѓу децата не траат долго. Често психолозите истакнуваат дека внуците од бабите и дедовците учат да ја обликуваат својата социјална емпатија.
Од друга страна, и бабите и дедовците добиваат од внуците многу нови импулси. Ако не друго, од одблиску го доживуваат духот на времето на нивните внуци. А тоа им помага да останат отворени за новото. Едно најново германско истражување потврдува дека времето кое постарите го поминуваат со внуците ги „подмладува”. Децата се животна радост и слобода која и старите ги поттикнува да останат спонтани, слободни и љубопитни за новото и модерното.
„Наративниот идентитет”
Од друга страна, кога сме со внуците, ние неминовно мислиме на нашите родители, кога тие беа во истата улога кај нашите деца. Во истиот миг, за мене, се појавуваат ликовите на моите две баби. И одеднаш сум и јас самата повторно детето што седи крај двете баби. Магијата на детството за мене е времето поминато со бабите. Често помислувам дека и мојата писателска дарба и главната тема на мојата проза, животот на бегалците, рано ја обликуваа нивните постојани раскажувања за животот таму, зад границата.Тогаш не знаев која беше таа граница, но знаев дека нивната тага беше поврзана со една граница. Освен тоа, особено од моите егејски баби, но и од мајка ми, научив каков дар е желбата на бабите да ги „угостат” своите внуци, да направат се‘, за да се чувствуваат пријатно. Особено сестрата на баба ми по мајка, чиј маж беше во Австралија и никогаш не се врати, имаше несекојдневна дарба да им угоди не само на децата, туку и на возрасните. Денот го поминуваше трчајќи од куќата на едната ќерка во куќата на другата во населбата Ченто, за да суреди се‘ и да зготви ручек за двете фамилии. Кога ќе ја посетев како дете, после часовите во училиштето во Автокоманда, но и како возрасна, таа не престануваше да ме нуди со јадење. Со нејзиниот прочуен султијач, со торта и слатки. А јас во нејзиното присуство чувствував милина и радост, зашто во тој миг за неа бев најважниот гостин. Тоа чувство им го сугерираат на децата нивните баби и дедовци.
Во модерните истражувања за значајноста на бабите и дедовците за децата, се укажува дека тие придонесуваат кај нив рано да се обликува „наративниот идентитет”. Тие се првите кои на внуците им раскажуваат за животот во нивната младост, за фамилијарните предци.Од тоа децата ја градат својата прва претстава за фамилијарната приказна, за тоа, чии наследници се тие самите. Секако, децата и фамилијарните приказни не ги доживуваат поинаку од приказните за принцезите, самовилите и волшебниците. Затоа што и едните и другите обично им ги раскажуваат бабите и дедовците. На едно литературно читање пред многу години во Келн, киргизискиот писател Чингис Ајтматов ( 1928-2008) раскажуваше дека да стане писател најзаслужни биле приказните на неговата „бабушка”. Таа била совршениот раскажувач.Напладне, додека пиела чај, пред да заспие на пладневна починка, таа му раскажувала нова приказна. „Така требаше постојано да и‘ варам нов чај, за да не заспие, туку да продолжи да раскажува”, рече писателот.
„Старите стануваат како деца”
Меѓутоа, дури и кога бабите и дедовците немаат дарба за раскажување, тие имаат важно место во развивањето на личноста на децата. Бабите и дедовците имаат можност на внуците да им ги пренесат своите животни искуства, но и да им ги дозволат и тие нешта кои, можеби, им ги забранувале на своите деца. Во еден напис на оваа тема, авторот ја цитира својата баба која велела дека времето поминато со внуците го доживува како да гледа филм, но по втор пат, со уживање, без грижите на секојдневието со малечки деца, без стресот од професионалните должности. Како и децата, бабите и дедовците ја поседуваат слободата да го прават тоа што сакаат. Дури и кога нешто нема да им дозволат, внуците тоа не го доживуваат како строга забрана.
„Старите стануваат како деца”, слушав често од возрасните која бев дете. Не знаев што мислеле со тоа, ама чувствував во присуството на бабите дека тие имаат многу време, како и децата. Дека бабите и дедовците се наоѓаат во време во кое како да нема цел, а затоа и како да нема ниту грижи, ниту брзање, ниту стрес. Денес имам јасно сознание зошто старите се толку блиски со децата. Затоа што децата се во периодот од животот во кој уште не се обземени од фамилијарните и професионални должности, додека старите повеќе не се под диктатот на работата и кариерата, а и семејните обврски не се исти како кога биле млади. Така заедничкото време на внуците со бабите и дедовците е слобода од должности и обврски. Децата уште не знаат што е старост и стареење, а старите затоа што го знаат тоа, сакаат да го доживеат секој миг свесно и силно, особено кога се со своите внуци. Кога бев дете, многу родители велеа дека „бабите” ги разгалувале нивните деца. Јас, пак, и тогаш, кога бев дете, и сега, кога сум баба, знаев и знам дека бабите и дедовците сакаат да им дарат на своите внуци колку што може повеќе среќа во мигот, за да ги паметат и кога ќе се возрасни по магијата на детството со нив. Од тој извор на среќни спомени со бабите и дедовците внуците црпат сила и кога самите ќе станат родители. И веднаш се враќаат во детството кога, минувајќи крај некоја куќа, ќе го помирисаат мирисот на пржена риба, како во моето детството, понекогаш во петок, кога моите баби пржеа риба. Или кога во паркот, во летното пладне, ќе видат на клупата под сенката на дрвјата, баба и дедо, како блажено лижат сладолед. Тие мигови не враќаат во детството во кое за нас, кога бевме деца, се‘ беше возможно. Науката укажува дека децата што биле блиски со бабите и дедовците и како возрасни црпат сили од сеќавањата на животот на старите. Дури и на нивните навики подоцна се сеќаваме со љубов и несвесно ги применуваме. На пример, уверувањето на мајка ми дека важните нешта е добро да се почнат „понеделнички”, кое таа го имаше преземено од прабаба ми. Сега и јас често, во понеделничките утра, го слушам нивниот глас. И размислувам која важна работа треба да ја започнам. Знам, тоа го правам само од желбата да го повикам нивното присуство во моето секојдневие, барем со истиот ритуал.(dw)
Кица Колбе