Во тек е постапката за купување на 110 електрични автобуси
Лани почна имплементација на најголемиот инфраструктурен проект – подобрување и реновирање на системот за водоснабдување и канализација во 80 општини во земјата. Исто така, во Скопје се гради еден од најголемите и најважни проекти на деценијата во оваа област, тоа е станица за пречистување на отпадни води, во тек е процесот за усвојување на новиот Закон за воздух и обезбедени се шест еколошки автобуси, информира денеска на прес-конференција министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по повод одбележувањето на една година од формирањето на Владата.
Како што посочи, во овој период е развиен институционален пристап кон животната средина, односно таа не се гледа како секундарен сектор, туку како стратешко поле со директно влијание врз јавното здравје, економскиот развој и европската интеграција на земјата.-Во текот на минатата година почна имплементација на најголемиот инфраструктурен проект во овој сектор – подобрување и реновирање на системот за водоснабдување и канализација во 80 општини во земјата, со финансиска поддршка од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка. Овој проект претставува долгорочна структурна интервенција со директно влијание врз подобрување на квалитетот на животот и заштита на водните ресурси, рече Меџити.
Toj напомена дека во урбаната животна средина се преземени значајни чекори по онос на третманот на отпадни води.
-Во Скопје се гради еден од најголемите и најважните проекти на деценијата во оваа област, станица за пречистување на отпадни води. Во Битола почна изградба на нова станица, додека во Тетово, Штип, Велес, Виница и Кочани во тек се тендерските постапки за изградба или обнова на постојните системи. Паралелно, првпат беше усвоен Планот за чист воздух 2024-2030, документ кој утврдува јасни цели и конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, со финансиска поддршка од 10 милиони евра од ЕУ, додаде министерот.
Како што најави, во тек е процесот за усвојување на новиот Закон за воздух, со цел целосно усогласување со европските директиви.
Меџити рече и дека како дел од истиот стратешки правец, обезбедени се шест еколошки автобуси и заменети се старите и неефикасни системи за греење во Скопје, Битола, Куманово и Тетово, што значително придонесува за намалување на емисиите на загадувачите. Најави дека е во тек постапката за купување на 110 електрични автобуси кои што ќе бидат распоредени на различни урбани средини.
-Системите за мониторинг на квалитетот на воздухот се зајакнати со поддршка од ИПА проектите. Воведени се построги контроли врз индустриските капацитети со интегрирани еколошки дозволи и креирани се локални планови за управување со загадувањето. За да се гарантира транспарентност и институционална ефикасност, зајакнат е Инспекторатот за животна средина и подобрени се механизмите за следење на клучните индикатори, рече Меџити.
Тој посочи дека друг важен сегмент е изградба на регионални центри за управување со отпад, со финансиска поддршка во вредност од 55 милиони евра, од Европската банка за развој.
Овие центри, како што посочи, вклучуваат изградба на санитарните депонии, станици за трансфер, зелени точки и постројки за компостирање, поставувајќи основа за интегриран, сигурен и одржлив систем.
-Овие интервенции се придружени со развојот на Националната стратегија за управување со отпад 2024-2036 во соработка со ЕУ, како и подготовките за функционална рамка за циркуларна економија, која има за цел намалување на отпадот, поттикнување на повторна употреба на материјали и развој на зелени бизниси, додаде тој.
Меџити напомена дека заштитата на биодиверзитетот е зајакната преку проширување на заштитената територија од 11,5 на 13,9 отсто.
-Објавен е Национален парк Шар Планина. Завршија документите за прогласување на Јабланица и беше извршена повторна проценка на паркот Маврово. Процесите се усогласени со европските директиви „Натура 2000“, со двојна цел – заштита на природата и климатска акција. Сите општини добија капитални дотации за еколошки проекти, базирани на објективни критериуми како бројот на жители, инфраструктурни потреби, а не врз основа на тоа која партија ги води со цел да се обезбеди правилна и транспарентна распределба на јавни фондови, додаде министерот.
Тој истакна дека работата е фокусирана на усогласување на актите со директивите за квалитетот на воздухот, управување со отпадот и индустриските емисии, како и на подготовка на нов Закон за просторно планирање и Закон за индустриски емисии и климатски активности.
Како што посочи, во текот на годината засадени се повеќе од шест илјади дрва во урбаните средини, прогласени се нови заштитени подрачја и потпишани се договори со општините за спроведување на проекти во рамки на потпрограмата во вредност од 628 милиони денари