Во тек се градежни зафати за прилагодување на животниот простор на двете слоници во ЗОО Скопје

Во скопската Зоолошка градина во тек се градежни зафати што треба да го прилагодат животниот простор за двете популарни скопски слоници. Имено, Дуња и Даела се со големи разлики во возраста, па младата Даела понекогаш е премногу палава за „бабичката“ Дуња. Тоа е всушност како познатиот „генерциски јаз“ кај луѓето, само што тој кај слоновите различно се манифестира, соопштуваат од Зоолошката градина.
Во такви периоди, многу е важно двете слоници привремено да уживаат во прошетките одвоени една од друга. Токму тоа е главната причина поради која во текот на есента и зимата ќе се работи на градежни зафати кои вклучуваат и големи потпорни ѕидови, за кои сите материјали, во вредност од скоро половина милион денари, ги обезбеди еден од пријателите на скопската ЗОО, Цементарница УСЈЕ.
Од Зоолошката градина истакнаа дека уредувањето на прилагодениот надворешен простор ќе биде финализиран до следната пролет. Сепак, посетителите на скопската ЗОО и во овој период ќе може да уживаат во редовните прошетки на популарните Дуња и Даела во другиот дел од нивниот двор.






