Во тек скринингот за Ковид-19 во дебарската градинка

Во единствената предучилишна установа во поширокиот дебарски регион, детска градинка „Брешија“ во Дебар, во тек е скринингот за Ковид-19 за вработените.

Во согласност со Работната единица на Центарот за јавно здравје во Дебар, скринингот ќе биде реализиран во текот на денешниот ден.

-Ќе бидат опфатени сите ангажирани лица во нашата установа или вкупно 69. Освен вработените во двата објекта на градинаката во градот опфатени се и вработените во градинката во село Скудриње, општина Маврово и Ростуше, која делува во склоп на нашата установа. Оваа значајна активност минува во најдобар ред, изјави за МИА, директорката градинката, Ајрије Дачи.

Според неа, во градинката претходно преземени се сите потребни мерки, дезинфекција на сите простории и дворното место на градинката, со цел прифаќање на дечињата кога ќе биде донесена одлука за отворање на градинките.

Со ангажирање на раководството на градинката, таа во последните години стана една од најуспешните градинки во државава каде се создадени идеални услови за престој и воспитување на децата. Поради тоа актуелниот капацитет е премал да ги прими сите деца, поради што во кругот на градинката во тек е изградба на анекс објект.

Инаку, скринингот на вработените во оваа градинка требаше да се реализиара на 8 и 9-ти овој месец, но поради појавата на новозаразени во оваа општина, оваа активност беше презакажана за денеска поради презафатеност на епидемилошката екипа, предводена од епидемилогот Ментор Меља.

Според вчерашните последни официјални податоци, во општина Дебар од почетокот на пандемијата има 53 заразени со Ковид-19. Од нив 47 се излекувани, четворица починаа, додека активни на болеста се двајца. Во самоизолација се 43 лица.

Back to top button
Close