Во текот на август Грција ќе се отвори и за крузерите

– Август е месецот кога ќе отвориме и за крузерите, вели министерот за туризам на Грција Харис Теохарис во интервју за грчката телевизија „Скај“ и додава дека сѐ уште не е одреден конкретен датум, но изрази надеж дека тоа ќе биде првата половина од следниот месец, јави дописничката на МИА од Атина.

Теохарис објасни дека минатата седмица, министерската одлука веќе поминала пред надлежната комисија.

-Август е месецот кога ќе отвориме. Немаме одлучено конкретен датум. Верувам дека во првата половина на август ќе може земјата да отвори за крузерите. Веќе ги имаме првите компании што се подготвени да отворат. Три плус три помали, значи шест компании изразија интерес до нашето министерство за да почнат со крстарења, рече Теохарис.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, во текот на оваа недела се очекува надлежните во Грција да ги усвојат и да ги финализираат европските упатства за екипажот и патниците на крузерите што ќе пристигнуваат на грчките пристаништа.

Меѓу правилата на ЕУ за работата на бродовите за крстарење, како што пренесува АНА-МПА се и 60 отсто патници од вкупниот број наведени во сертификатот за безбедност на бродот; задолжително мерење температура на патниците и членови на екипажот пред влегувањето; одредување кабини за изолација во случај кај некој од патниците да се појават симптоми на Ковид-19 и сл. ср/сд/

Back to top button
Close