Во текот на целата 2022 година имавме непречено снабдување со електрична и со топлинска енергија

Во 2022 година домашното производство на електрична енергија беше зголемено за 27 отсто, а за 2023 година се најавува дополнително зголемување за нови 20 отсто. Сите капацитети на АД ЕСМ се во функција со исклучок на Блок 3 во РЕК Битола каде е во завршна фаза монтажата на трансформаторот по што ќе биде вклучен во мрежата. Во текот на целата 2022 година имавме непречено снабдување со електрична и со топлинска енергија.

За 2023 година универзалниот снабдувач  „ЕВН Хоум” бара 3.900 гигават часови електрична енергија што повторно 100-процентно ќе ги обезбеди АД ЕСМ.

„ЕСМ” согласно Законот за енергетика имаше обврска во 2023 година да снабдува 55 проценти од потребите на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум”, но Владата го задолжи да ги покрие сите 100 проценти со цена од 56 евра за мегават час. Со тоа, како што велат од Владата, државата субвенционира 73 отсто од сметката за потрошена електрична енергија што ја плаќаат граѓаните.

„ЕСМ” од декември 2022 година по налог на Владата презема обврска да ги снабдува со електрична енергија и компаниите од прехранбениот сектор преку „ЕСМ Продажба” по субвенционирана цена од 80 евра за мегават час, како и основните и средните училишта и водоводните претпријатија по цена од 95 евра за мегават час.

Од 1 јули годинава за домаќинствата беа воведени четири блок тарифи за електричната енергија во високата (скапата) тарифа. Целта на нивното воведување беше оние што трошат помалку енергија да плаќаат помалку, а тие, пак, што многу трошат да плаќаат по повисока цена слична на берзанската.

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, воведувањето на блок тарифите даде резултат и има намалена потрошувачка на електрична енергија,

Се најавуваше дека од почетокот на 2023 година ќе бидат воведени блок тарифи и за малите потрошувачи, но тоа, како што кажа Бислимоски, е одложено за 30 јуни заради правење дополнителни анализи.

Во делот на регулираниот пазар за потребите на малите потрошувачи и домаќинствата од 1 јули до 31 декември воопшто немаше увоз на струја. Според најавите на Бислимоски така ќе биде и во првите шест месеци од 2023 година, односно и до 30 јуни нема да има потреба од увоз на електрична енергија за регулираниот пазар.

Од 1 јануари 2023 година се зголемува ДДВ-то во сметките за струја на домаќинствата од 5 на 10 отсто. Тоа, според Бислимоски, ќе предизвика зголемување за 4,72 отсто на крајниот трошок во сметката за електрична енергија.

 

Грејната сезона во земјава започна на 15 октомври 2022 година. Бевме една од ретките земји која не го помести почетокот на грејната сезона, дополнително не ги променивме ни условите за испорака на топлинска енергија. Обврската за греење на скопјани по налог на Владата повторно ја презеде АД ЕСМ. Компанијата ги изнајми топланите Исток и Запад од „Адора” и направи договор за деловно-техничка соработка со топланата Скопје Север за која обезбеди природен гас. За греење на скопјани го користи и сопствениот капацитет „ЕСМ Енергетика” во Автокоманда.

Кон крајот на 2022 година „Макпетрол” преку соопштение за медиумите најави дека од 1 јануари 2023 година ќе престане да ги снабдува со природен гас сите свои корисници, но како што информира во медиумите претседателот на РКЕ Бислимоски проблемот беше брзо надминат. „Макпетрол” снабдува околу 70 отсто од корисниците во земјава со гас меѓу кои и „ЕСМ” за потребите на парното греење во Скопје.

РКЕ при крајот на 2022 година ги донесе новите подзаконски акти за пазарот на природен гас.

-„Макпетрол” бараше да се пролонгира целиот процес, но тој процес не може да се одложи поради тоа што „ГА-МА” веќе потпиша договор со „Булгартрансгас”, преносниот систем оператор за природен гас во Бугарија и пазарот на природен гас во земјава ќе функционира на истиот начин како што функционира во цела Европа, порача Бислимоски.

Со договорот меѓу „ГА-МА” и „Булгартрнсгас” за 500.000 нормални кубни метри е зголемен протокот на интерконенкторот за гас меѓу двете земји кој досега имаше капацитет од 800.000 нормални кубни метри што до 2030 година целосно ги има закупено руски „Газпром”.

Со новиот договор, според Бајрам Реџепи, директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), ќе се овозможи диверзификација на гасното снабдување и во земјава ќе може да влезе и друг гас наместо само рускиот како досега. Токму поради разликата во калоричната врдност на другите видови гас со рускиот се воведени новите подзаконски акти и гасот наместо во нормални кубни мети сега ќе се мери во киловати.

Пред објавувањето на новите правила, АД ЕСМ објави јавен повик за снабдување со природен гас за потребите на топланите во Скопје за периодот од 1 јануари до 30 април 2023 година. „ЕСМ Продажба” потоа потпиша договор за снабдување со природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите потрошувачи на природен гас, пред се поголемите производствени и услужни капацитети. Договорот е потпишан со фирмата „Balkan Utilities” од Бугарија, за испорака на природен гас за месец јануари по цена од 115,97 евра за мегават час. Истата фирма даде понуда за снабдување и до 1 мај 2023 година, со тоа што ќе дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Досегашниот снабдувач со гас на АД ЕСМ, „Макпетрол Пром–Гас”, понуди цена од 116,20 евра за мегават час која не беше фиксирана, односно е подложна на корекции за јануари. Третиот понудувач „A.P.M.P. Handels Ges” не даде комплетна понуда

Претседателот на РКЕ, пак, информира дека најголемиот потрошувач на природен гас во земјава приватната когенеративна електрана „ТЕ-ТО” веќе ги има набавено потребните количини гас за работа во 2023 година. Токму „ТЕ-ТО” испорачува 70 отсто од потребите за топлинска енергија во системот за централно грење во Скопје.

Back to top button
Close