Во текот на вчерашниот ден аплицирани 11.431 вакцини

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 448.502 граѓани, информира Министерството за здравство.

– На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 255.808 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 1.477 граѓани, а вкупно се вакцинирале 11.431 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 442.928 дози вакцини, а ревакцинирани се 187.120 граѓани, се наведува во соопштението.

Со последните бројки барем една доза вакцина имаат примено 48 отсто од граѓаните над 70 години, 42 проценти од оние над 65 години и 35 отсто од населението над 60-годишна возраст.

– Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, се додава во соопштението.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Back to top button
Close