Во „Тесла“ возило на пејачот Д4вд пронајдено полураспаднато тело
Полициjата во Лос Анџелес поведе истрага откако беа пронајдени распаднати човечки останки во багажникот на автомобил во Холивуд Хилс, во понеделникот. Возилото, наводно, е регистрирано на популарниот ар-ен-би и рок-пејач Дејвид (Д4вд) кој деновиве ја привршува својата светска турнеја.
Телото во распаѓање било пронајдено во пластична ќеса сместена во предниот багажник на „Тесла“ од 2023 година, соопштија властите. Полураспаднатото тело не е идентификувано. ТВ „КТЛА-5“ објави дека Канцеларијата на судскиот испитувач на Округот Лос Анџелес, исто така, испратила екипа на местото на настанот којашто не можела да го утврди ни полот на лицето, поради нивото на распаѓање. Случајот е класифициран како истрага за смртен случај.
Порталите „КАБЦ“ и „ТМЗ“ објавија дека возилото е регистрирано во Хемпстед, Тексас, САД, на име на музичарот Дејвид Ентони Бурк. „Теслата“ со тексашки регистарски таблички е најдена во Холивуд Хилс, а била напуштена пет дена претходно. Запленетата „Тесла“ била на паркингот на влечната служба во Холивуд неколку дена пред да ја пријават миризбата, соопшти полицијата.
Д4вд (20) сѐ уште не дал јавна изјава во врска со случајот.
Вчера и денеска, тој требаше да настапи во Минеаполис и Канзас Сити.
Американскиот пејач и текстописец со милиони стрим-слушања овие денови е на својата светска турнеја „Withered“ (‘Свиснат’), којашто веќе завршува во Северна Америка – со последниот закажан концерт на крајот на септември во Лос Анџелес, објави „Јаху ентертејнмент“ (Yahoo Entertainment). Уметникот е најпознат по хитовите „Romantic Homicide“ и „Here With Me“, коишто имаат над милијарда слушања на платформата „Спотифај“.