Во Турција набрзо ќе почне разоружување на ПКК
Портпаролот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), Омер Челик, денеска најави дека за неколку дена Курдската работничка партија (ПКК) би можела да почне да го предава оружјето.

„Не сакам да дадам конечен временски рок во оваа фаза. Сега сме до фазата во која би можело тоа да се случи за неколку дена“,посочи Челик.
Тој додаде дека следните денови ќе бидат исклучително важни за Турција да биде ослободена од тероризмот.
Тоа досега е најјасен знак за напредок во напорите за разоружување на забранетата ПКК. Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат ПКК за терористичка организација.
ПКК на 1 март објави прекин на огнот со Турција по апелот на нејзиниот лидер Абдула Оџалан, кој 26 години отслужува доживотна казна на островот Имрали во близина на Истанбул.
Повеќе од 40 000 луѓе се убиени откако ПКК ја почна својата борба во 1984 година со цел да се создаде етничка татковина за Курдите. ПКК сега бара поголема автономија во југоисточна Турција и поголеми права за Курдите, како и ослободување на Оџалан.
Мировниот процес меѓу Турција и ПКК пропадна пред десет години.