Во Турција во изминатите пет дена избувнале 342 пожари

Продолжува гаснењето на пожарите во Турција. Поради високите температури во изминатите пет дена, во земјата избувнаа 342 пожари. Турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли повторно апелираше до граѓаните да не палат оган, објави турската државна телевизија ТРТ Хабер.

Тој истакна дека шест големи пожари сè уште се активни во земјата.

„Пожари има во Акхисар, Кула и Ахметли, во округот Маниса. Во округот Измир, пожари има во близина на Шерефхисар и Мендерес, како и во округот Хатај, во Антакија. Пожарите во Измир во голема мерка се ставени под контрола. Во Акхисар и Кула, ситуацијата е исто така многу подобра од вчера. Се надевам на добри вести од двете места. Ахметли е пошироко место и пожарот таму многу брзо се прошири. Има кањони и клисури, но нашите колеги ја презедоа контролата врз големи површини во Измир и Маниса“, рече Јумакли.

Тој им се заблагодари на пилотите кои интервенирале и покрај ризикот создаден од ветерот. Предупреди дека утре ветерот ќе биде уште посилен во регионите на Мраморното и Средоземното Море и повторно ги повика граѓаните да не палат оган и отпадоци.

Back to top button
Close