Во јули во Скопје надмината апсолутната максимална температура на воздухот – измерени 43,7 степени
Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во земјава, месец јули 2025 година се карактеризира како екстремно топол и многу сушен во споредба со многугодишните просечни вредности (1991/20), соопшти УХМР.
Средномесечната температура се движеше од 18,5°С во Лазарополе до 28,5°С во Гевгелија. Споредено со просечните јулски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодишната температура беше натпросечна за 2,3 степени на ниво на држава.
Средномесечната температура во Скопје Зајчев Рид изнесуваше 27,6 и беше 2,9 степени повисока од просекот.
Највисоката максимална температура во државата, беше измерена на 26-ти јули во Скопје Гази Баба и изнесуваше 43,7 степени. Притоа, во Скопската котлина беше надмината апсолутната максимална температура на воздухот од 43,4 на 43,7 степени. Во Скопје беше надмината и апсолутната максимална среднодневна температура. Надминати беа апсолутните максимални температури и во Охрид и Маврово. Во Охрид од 37,5 на 38,1, а во Маврово од 34,2 на 34,3 степени. Имаше појава на топлотен бран од почетокот на месецот до 8-ми и од 20-ти до 27-ми јули, на ниво на држава.
Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Лазарополе, на 10-ти јули и изнесуваше 4,4 степени.
Месечната сума на врнежи во државата во јули варираше од 0,0мм во Битола до 10,7мм во Берово. Врнежите беа од дожд и град. Максимално дневно количество на врнежи од 8,7мм беше регистрирано во Берово на 18 јули.
Споредено со јулската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), измерената месечна сума на врнежи беше 87% подпросечна на ниво на држава, посочуваат од УХМР.