Во уште една земја-членка на НАТО пронајдени остатоци од руски дрон

На плажа во Летонија пронајдени се остатоци од руски дрон „Гербер“, изјави министерот за одбрана Андрис Спрудс, додавајќи оти остатоците не содржат експлозив.

Премиерката на Летонија, Евика Силина побара од министрите за одбрана и за внатрешни работи заедно со полските колеги да утврдат дали пронајдениот дрон е еден од оние кои минатата недела го нарушија полскиот воздушен простор.

– Наш приоритет е зајакнување на источната граница, но јасно е дека заштитата на брегот на Балтичкото Море со инсталирање на потребните сензори е подеднакво важна, објави Силина на платформата Икс.

Дроновите од типот „Гербер“ се дизајнирани како мамки за совладување на украинската воздушна одбрана. Тие се направени од стиропор и иверица, тежат помалку од 20 килограми и имаат дострел до 600 километри. Се претпоставува дека такви дронови го нарушиле полскиот воздушен простор на 10 септември.

На 14 септември руски дрон го наруши воздушниот простор на Романија. Дронот, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, во романскиот простор се задржал 50 минути.

Руските беспилотни летала од 2022 година постојано навлегуваат во воздушниот простор на НАТО, но до инцидентот на 10 септември, немаше потврдени случаи на соборување на дроновите од одбраната на Алијансата.

Back to top button
Close