Во Варшава отворена првата амбуланта за помош при абортус кој во Полска е нелегален

– Се вели дека најважните одлуки во Полска се носат на улицата Вјејска, бидејќи таму е парламентот. Е, па, ние земаме за себе дел од таа улица и тука ќе вршиме абортуси, повикаа активистките од организацијата Abortion Dream Team на денешното отворање.
– Сакаме да им покажеме на политичарите дека повеќе немаме време да чекаме тие да постигнат компромис. Ова е тест на сојузништво, бидејќи премиерот Доналд Туск вети дека оние што ќе ѝ помогнат на трудница да изврши вештачки прекин на бременоста нема да бидат кривично гонети. Отвораме на 8 март и тоа ни е подарок, изјави пред отворањето активистката Наталија Броњарчик.
Со одлука на Уставниот суд на Полска од 2020 година, на Полјачките им беше одземено правото да извршат вештачки прекин на бременоста поради тешки деформитети или заболувања на плодот. Лидерот на полската популистичка обединета десница, Јарослав Качински, тогаш објасни дека трудниците мораат да ги родат таквите бебиња, дури и кога е јасно дека тие наскоро ќе починат во страдање, за да можат да бидат крстени и христијански погребани.
Едно од големите предизборни ветувања на владејачката проевропска демократска коалиција на премиерот Доналд Туск беше враќањето на компромисот од 1993 година, пред одлуката на Уставниот суд, како и укинување на кривичната одговорност за помош при абортус. Сепак, тоа ветување останува неостварливо сè додека во средината на годината не му истече мандатот на актуелниот претседател Анджеј Дуда, кој рече дека ќе стави вето на каква било либерализација на законот за абортус и кривичниот закон поврзан со него.
Во Полска годишно се извршуваат околу 1.000 легални абортуси, додека невладините организации проценуваат дека Полјачките неофицијално извршуваат околу 100.000 абортуси годишно во првите недели од бременоста или подоцна во соседните земји членки на Европската унија, каде што законите се многу полиберални. (nezavisen.mk)